„Исправете се!“: кратка историја на одењето со крената глава

Сандер Л. Гилман е американски историчар, со над 90 објавени книги. Една од темите кои го интересираат се поврзаноста на медицината со историјата, како и со политичките и општествените случувања. Неговата нова книга се однесува на значењето на исправеното одење во западната историја.

Според Гилман, исправеноста е различна од човечката способност да стои на две нозе, која прв пат ја покажал пред 1.9 милиони години, во периодот на Хомо еректус, или исправениот човек. Тој го третира исправеното држење како знак на добро воспитување и симбол на нашите верувања, следејќи ги сфаќањата поврзани со овој феномен од класичната цивилизација, преку поствоените уметнички движења, до современите совети дали треба да се држат состаноци од нога и да се користат потсетници за тоа кога човек треба да стане од канцелариска маса.

Сепак, нарацијата не тече хронолошки туку паралелно, и покрива повеќе области, како теологија, филозофија, воена наука, медицина и уметност. Уште грчките филозофи тврделе дека „да се биде исправен за човекот значи дека е поблизок до боговите“. За Кант пак исправеноста е физички, но и социјален и морален симбол на исправност, спротивна на искривената и буквално деформирана слика за човекот.

Книгата е полна со илустрации, особено со такви позајмени од прирачници за исправено одење, издавани или во воен контекст, или во контекст на елегантно и смерно женско држење. На пример, во 19 вековна Германија, за време на царот Вилхелм Втори, постоеле таканаречени „телесни културисти“ кои проповедале употреба на корсети, па дури и ригидно повивање на бебиња, за тие подоцна во животот да одат исправени ко пушка. Фројдовите теории за неурозата се поврзани со ваквата наметната телесна исправеност, која се изедначува со морална исправност, но создава психолошки проблеми за оние кои не можат да го поднесат строгиот систем на норми.

Токму не-нормираните тела се тема на последните три поглавја. Симболичката исправност на една нација историски се одржувала преку дехуманизирање на „извитоперените“ - на пример децата на северно-американските Индијанци кои биле присилувани да носат „корективни“ чевли; прогонот на телата со хендикеп; или оправдувањето на ропството со различните анатомски карактеристики на поробените, кои заради нив се помалку луѓе од останатите.

Она што авторот го покажува е дека која и да е историја на исправеноста е секогаш историја на перцепцијата за тоа што е навистина целта на инсистирањето на исправената глава и оптегнатите раменици. Денешната на пример е дека обратното (лошото држење и долгото седење) има медицински последици, кои иако имаат фенси имиња (како „лордоза“ за премногу прав врат како последица од кмишење пред компјутер) воопшто не се пријатни.

20 март 2018 - 10:13