Букбокс (за жал) гледаше

Интервју за разводи и погреби

Дисклејмер: текстов е пишуван во состојба на афект по завршување на најновото издание на „Вин-вин“ од 7 февруари, во кое Оливера Трајковска разговара со Горан Бреговиќ. Чуј, разговара!

Од десната страна, Горан Бреговиќ. Во кадифено светкаво сако и црно шалче, со поглед на стар лисец. Сепак, повеќе од само професионален - љубезен, отворен, речит.

Од левата страна новинарка специјализирана за политички интервјуа и коментари, стандардно сериозна и често толку непотребно опширна што соговорникот на крај не знае ни што бил прашан. Во случајов нестандардно, благо возбудена од можноста да разговара со еден од ретките живи бардови на екс-југословенската култура, кој и во седмата деценија изгледа и се однесува ко фраер.

Начинот на којшто се одвива интервјуто одразува еден аспект од новинарскиот занает на кој е тешко да се покаже со прст и школски да се дефинира, но кој ја прави целата разлика помеѓу новинар-човек и новинар-бот. При имајќи пред себе човек со багаж за три животи, преполн приказни кои самиот ги нарекува „елипси“, таа поставува „суви“ и по сто пати преџвакани прашања за национализмот, Тито, ЕУ, плуралните избори. Окупирана со сопствената агенда, таа не ги дофаќа ни конверзациските „скретници“ на кои дискретно се обидува да ја насочи Бреговиќ, сократовски смирено нудејќи ѝ повеќе отколку што заслужила. Кога тој го цитира Аристотел, велејќи дека демократијата е опасна затоа што луѓето гласаат за нешто што не го разбираат, таа на тоа се надоврзува со иронично спомнување на Вучиќ. Кога како симптом на цивилизациската криза го посочува недостатокот на идеологија и притоа ги цитира Маркс и Чомски, таа лукаво поентира етикетирајќи го како левичар, и - боже сачувај - како безбожник.

„Ми личиш на некој кој мисли дека луѓето се лоши“, психоаналитички ја дијагностицира Брега состојбата на својата домаќинка, која токму така и се однесува со него - со недоверба, со благ сарказам, со „немој ти мене многу-многу“ „Па не се сите зли, има и љубопитни и паметни“, продолжува тој веќе очајно да ѝ сигнализира, обидувајќи се да внесе здив на човек од крв и месо во студиото. Човек кој кога навечер ќе се покрие со јорганот се прашува - кој сум, и што со себе во светов во кој сум толку мал.

Осамен во своите интроспекции, асоцијации, и макар и рециклирани „елипси“, Бреговиќ цел час е истраен во проектот на хуманизирање на „другата страна“, во еден момент дури и обраќајќи ѝ се со „душо“. И додека кај повеќето од нас ова би предизвикало пукање и на последната ледена обвивка, по што би процветале илјада кокичиња, Оливера е ладна-камен. Последната шајка во ковчегот на ова интервју е закована кога таа спомнува дека еден од тројцата најголеми аргентински писатели (заедно со Борхес и Кортасар), Ернесто Сабато, пред крајот на животот му пишал на Бреговиќ заблагодарувајќи му на тоа што со неговата музика го извлекувал од честите депресивни епизоди. Брега отвара уста за да ја раскаже целата (нам, ете, непозната) анегдота, но Оливера има други планови - вели дека веќе нема време, а заинтересираните за приказнава можат „самите да се информираат“. Потоа на веќе снеможениот соговорник му поставува уште едно-две банални прашања и емисијата, иронично насловена како „Вин-вин“, завршува.

Помеѓу коментарите кои се појавија непосредно по интервјуто еден вели - „Арно некој водоинсталатер не седнал со него да прави муабет“. Не, не, водоинсталатер кој по природата на својата професија мора да има истенчен осет за социјален контекст, меѓучовечки односи и мерка, едноставно би го почнал разговорот со - „иначе?“. И потоа би оставил тој да се распостила, да тече ко вода, нормално и органски. А кога Горан со насолзени очи (или му е тоа повторно некоја рециклирана поза?) би му рекол дека кога ќе излезе Танец на сцена и ќе грмне зурлата нема таков кретен кој нема да покаже емоција, двајцата малку би поќутеле. Затоа што би знаеле дека за некои работи е подобро паметно да се одмолчи, отколку на сила да се зборува.

А за приказната за Сабато, заинтересираните кои беа подучени да се информираат на друго место, тоа можат да го сторат тука

Целата емисија:

XXXXXXXX

Илина, Букбокс

Едит: Телма побараа да ја нема емисијата кај нас. Ги разбираме :)

Ја имате на Јутјуб.

7 февруари 2019 - 22:55