Психолошката пред историската вистина

Интервју со Павел Павликовски, режисерот на „Ида“

Еден од номинираните филмови за Оскар од неанглиско говорно подрачје оваа година е полскиот „Ида", црно-бела драма чиј главен лик, токму пред да стане калуѓерка, открива дека нејзините родители биле Евреи, убиени од Полјаците.

Прикажувајќи ја земјата во шеесетите од минатиот век, филмот предизвика контроверзи заради наводниот недостаток на патриотизам, особено затоа што во него се спомнува соработката на граѓани на Полска во извршувањето на холокаустот. „Ида", вели нејзиниот режисер, е сепак лична приказна, а не прераскажување на колективната историја.

Еве извадоци од неговото интервју за Атлантик.

Како дојдовте до идејата за Ида?

Пред шест или повеќе години слушнав за приказната на еден полски свештеник кој открил дека е Евреин. Напишав верзија на оваа сторија, но таа некако немаше живот, туку беше повеќе интелектуална идеја. Потоа се сетив на мојата средба со Хелена (Волинска-Брус, судијка во 1950-тите во Полска, која умрела во егзил во Британија во 2008), која стана инспирација за Ванда, тетката-алкохоличкарка на Ида во филмот, којашто ѝ помага да ја открие вистината за нејзините родители. Така двете приказни се споија.

Интересно е како сте ги врзале овие идеи, бидејќи и двете имаат некаква врска со историјата.

Намерно останавме на страна од објаснувањето на историјата, бидејќи со тоа е веќе оптоварена полската кинематографија. Ако почнете да објаснувате, не само што ќе добиете неквалитетен дијалог, полн со дигресии, туку ќе добиете имногу слабо објаснување. Во филмот поважни се емоционалната и психолошката, а не историската вистина.

Но луѓето реагираат - „Не сте го спомнале ова" или „Ова е погрешно".

Со овој филм тоа се случи неодамна - кога беше само небитен уметнички филм луѓето одеа и го гледаа на ова ниво. Сега стана голема политичка тема, затоа што оскаровската фама им го прави тоа на човечките мозоци.

Кога баравте актерка што ќе ја игра Ида, дали трагавте по некој особен квалитет?

Барав девојка којашто не е од сегашноста, која како да не гледала телевизија. Во овој виртуелен медиумски свет се одвива големо количество осмоза којашто влијае врз тоа како се однесуваат луѓето. Ви доаѓа да се прашате - дали ова што го гледам е вистинска личност или е нешто на екран? Сакате да најдете некој кој не е копија на нешто што сте го виделе. Имав чувство дека Тжебуховска немала гледано телевизија целиот нејзин живот, дека живеела во некаков манастир, иако таа е всушност модерна млада жена којашто излегува во кул кафичи во Варшава - таму кадешто и ја пронајдовме. Таа е многу умна, скромна, но го држи светот на дистанца, не заради некаква посебна причина, не заради верски побуди, туку заради нејзиниот карактер. Таа не е среде постојана комуникација.

Заплетот или откритијата во филмот се случуваат тивко, речиси неосетно.

Има многу емоционализам во филмовите. Но во овој филм емоцијата веќе е вградена во ситуацијата - не мора да ѝ додавате масло. Не очекував дека ќе погоди толку многу луѓе.

Кои се вашите идни планови?

Имам неколку идеи. Едната е во врска со Полска, многу лична приказна во врска со моите родители. Друга е во врска со младиот Јохан Себастијан Бах, за едно негово чудно патување кога имал 20 години и бил млад гневен дечко кој тукушто истепал некого, што му создало проблеми во црквата кадешто свирел на оргуљи. Тогаш решил да замине кај неговиот учител по оргуљи во Лунебург - одел пешки 450 километри во тек на три недели.

Целото интервју тука

Трејлер за филмот

19 февруари 2015 - 09:22