Пензионерка со стил

Инстабаба со над 3 милиони следбеници

88-годишна госпоѓа, чии фотографии масовно се споделуваат на Инстаграм, ги руши стереотипите за тоа како треба да изгледа и да се однесува жена во „поодминати години“.

Бадивинкл, како што гласи прекарот на возрасната госпоѓа, не е само баба туку и прабаба. Таа, на возраст од 88 години, како резултат на стекната Инстаграм слава, е ангажирана во реклами на познати козметички брендови, и предизвикува благи скандали кога во јавноста се појавува облечена во гардероба „несоодветна“ за нејзината возраст (како кога на музичките награди на МТВ во 2016 се појави во припиено проѕирно трико украсено со светки). Сега објави и нова книга - „Водичот за живот на Бадивинкл“.

Хелен Рут ван Винкл, како што ѝ гласи вистинското име, пред да стане славна водела прилично обичен живот во Вако, Кентаки. Петнаесет години се занимавала со земјоделие и градинарство, самостојно вршејќи ги физичките работи. Но еден ден нејзината правнука ја видела во кратки шорцеви и откачена мачика, и предложила да ја слика. Фотографијата почнала да се шири со вртоглава брзина, а коментарите биле прилично позитивни.

„Мислам дека она што го видоа е бабичка на која не ѝ е гајле што мислат за неа“, вели Бадивинкл. „Еве бунтовничка. Ни се допаѓа“.

Наскоро Хелен си отворила Инстаграм профил и почнала да споделува фотографии од себеси во живописна гардероба, со нејзини хумористични забелешки. Сепак, главната причина која таа ја наведува за ваквата необична активност за една пензионерка е празнината која ја почувствувала по загубата на нејзиниот сопруг, како и на синот кој починал од рак.

Во новата книга таа ја споделува нејзината животна приказна. Што е според неа клучот на среќниот живот?

„Ова е мојата верзија: Секогаш смеј им се на луѓето иако можеби прв пат ги среќаваш на улица, оди во црква (јас сум јужњачка госпоѓа) и секогаш биди љубезен со оние што ќе ги сретнеш“.

Додуша мотото на Инстаграм профилот ѝ е малку поинаков: „Ви ги крадам мажите уште од 1928“.

10 јули 2017 - 15:32