Игудесман и Џу стигнаа до Карнеги Хол

Виолинистот Алексеј Игудесман и пијанистот Ричард Хјунг-ки Џу се актуелни кралеви на музичката комедија. Едно е сигурно - тие не посегнуваат по хуморот затоа што не знаат да свират.

Клипот на Јутјуб со кој станаа славни, нивното шоу „Мала кошмарна музика“, до сега е кликнат 30 милиони пати. Да, во него го има Моцарт, но и правосмукалка, боксерки, цитати од „Симсонови", нинџа потези и машина за кафе. „Ние сме страствени музичари, но за нас концертите на класична музика се како погреби - никој не зборува и сите се облечени премногу конзервативно. Тоа ни е чудно, затоа што музиката е толку полна со живот! Се обидуваме да ја прескокнеме бариерата помеѓу театарот и комедијата", вели Игудесман, по потекло од Русија, кој студирал виолина во Виена. Тој смета дека воопшто не застрануваат од традицијата на класичната музика, бидејќи на крајот на краиштата и Моцарт бил познат по неговата откаченост и смисол за хумор.

Некои критичари ги нарекуваат новите браќа Маркс, други ги поврзуваат со Монти Пајтон, а нивните перформанси привлекуваат помлада публика, која никогаш претходно не влегла во концертна сала. Концертите низ Европа им вклучија и делови од Балканот (во декември минатата година беа на пример во Нови Сад), а деновиве започнува нивната американска турнеја, и тоа со настап во Карнеги Хол. Еве идеја за македонската филхармонија, или за Џез фестивалот - баш би било интересно да ни зачистат со правосмукалката низ Универзална или Домот на АРМ.

Тука ви претставуваме нивна верзија на „За грст долари", и авторско дело на Ингудесман, под сугестивен наслов - Pig Flu Polka. Во периодов на настинки, ни се виде баш соодветно..

15 април 2012 - 16:30