И мршојадците ги апсат, зарем не?: животни обвинети за шпионажа

Белоглави мршојадци со џи-пи-ес апарати за следење. Тим верверички. Па дури и едно маче. Сите овие биле обвинети за џејмс-бондовски активности. 

„Со голема возбуда сакаме да ве информираме дека по 5 месеци зимување на Блискиот Исток, светскиот патник Сунчица се врати на Балканот“. Вака почнува најнова информација на Македонското еколошко друштво за белиот мршојадец кој неколку години е следен со GPS предаватели, за да се спречи неговото труење. Но „колеги“ на Сунчица во текот на патувањата од над 18.000 километри некогаш се соочуваат со необични проблеми.

Во 2019 Би-би-си извести за извесен Нелсон, кој ни крив ни должен прелетал преку воена зона во Јемен, и бил „уапсен“ од луѓе кои биле убедени дека е шпион. Сателитскиот „трекер“ на ногата бил многу пософистициран од опремата која тие ја имале, па логична претпоставка било дека тој е непријателски уфрлен елемент, кој пренесува воени тајни.

Всушност, исто како и Сунчица, и тој бил дел од група од 14 мршојадци кои требало да бидат следени на нивната преселба од Балканот до Блискиот Исток и назад. На ознаката на Нелсон бил наведен телефонски број од невладината организација во Бугарија, па и покрај крајно тешката ситуација во Јемен во тој период (војна, колера, глад) се нашле добри луѓе кои испраќале слики и информации за птицата, сакајќи да помогнат. Бугарите лобирале во Јеменската амбасада, а притиснале и други организации и здруженија, па Јеменците биле убедени дека тој не е шпион и дозволиле тој најпрвин да се опорави, па потоа го пуштиле.

И ова не е единствениот случај на животни обвинети за шпионажа. Во случајот со големата птица некако е и „логично“ човек да се посомнева особено ако носи некаков апарат за следење. Но има и понеобични случаи.

Во 2007 иранската армија уапсила тим од 14 „верверици-шпиони“ кои биле пронајдени близу нуклеарка. Властите изјавиле дека успеале да ги неутрализираат субјектите „пред да можат да преземат некаква акција“. По напади на ајкули во одмаралиштето Шарм е-Шеик во 2010 една ТВ станица изјавила дека ова се должи на тоа што Израел им вградил џи-пи-ес контроли на ајкулите, за да му наштети на египетскиот туризам.

Секако, имало и нешто посериозни (што не значи и поуспешни) програми за шпионажа кои вклучувале животни. ЦИА се обидела да вгради прислушкувачи во мачка - акција позната како „Операција акустично маче“ - и да ја пушти во Советската амбасада во Вашингтон. Но проектот завршил уште првиот ден, кога мачето било прегазено токму пред локацијата.

Најуспешни шпиони меѓу животните се и најинтелигентите, особено ако се соодветно тренирани. И САД и Русија имаат потврдено постоење на тренинг програми за цицачи, во кои делфини и фоки се обучувани да идентификуваат подводни мини и да „неутрализираат“ непријателски пливачи. Но исто како и млади војници, и делфините имаат хормони и можат да дезертираат. Пред неколку години Украиското министерство за одбрана мораше да негира извештаи дека три воени делфини избегале во Црно море во потрага по малку забава и секс.

15 мај 2021 - 10:17