И Бјорк вели дека била малтретирана од „дански режисер“

Во низата обвинувања кои следеа по случајот со Вајнстин од актерки кон нивни бивши колеги за сексуално и друго малтретирање еве едно кое (можеби) го објаснува наглото влегување, но исто така наглото излегување од филмскиот свет на Бјорк, по само еден, одличен филм.

Во 2000 година изгледаше дека Бјорк влегува во нова фаза од својата креативна кариера - во актерството. По улогата во моќниот „Танчар во темнината“ на Ларс фон Трир, која ѝ донесе награда на Канскиот фестивал, каде филмот доби Златна палма, и покрај одличните критики, таа сепак одлучи да се повлече.

Во Фејсбук пост објавен вчера, 15.10, таа вели дека, инспирирана од жените кои отворено проговореа во врска со Харви Вајнстин, одлучила да сподели детали за нејзините искуства во филмската индустрија. Иако во ниту еден момент не го обвинува Фон Трир по име, повеќе е јасно дека се работи за него:

Ми беше јасно уште кога почнав со актерската професија дека моето понижување и улога на помалку вредно, сексуално злоставувано суштество е норма впишана во камен, и што се однесува до режисерот и до десетината соработници кои го овозможуваа и го охрабруваа тоа. Станав свесна дека е универзално правило дека режисер може да допира и да малтетира актерки по волја, и дека филмската институција тоа го дозволува. Кога го одбив режисерот повеќе пати, тој се налути и ме казни создавајќи импресивна илузија дека јас сум таа тешката за соработка. Поради мојата моќ, мојот одличен тим и затоа што немав ништо да загубам со оглед на тоа што немав амбиции во актерскиот свет, заминав и за една година се опоравив.

И претходно не беше тајна дека Фон Трир е антологиски тежок лик и дека емоционално ги малтретира сите на сет, но ова со физичкото малтретирање е нов момент. Бјорк во текот на снимањето исчезнала и ја немало четири дена, што на времето било опишано како нејзина желба за контрола на саундтракот, или како нервен слом. Гардијан тогаш дури и напиша краток текст во кој се тврди дека таа изела дел од нејзиниот костим среде караница, што повторно е толкувано како нејзина „ирационалност“ и резултат на карактерни несогласувања со Трир.

Но вистината според Бјорк е подлабока. На нејзиниот сајт таа објаснува вака:

Едно е кога сексистички режисери како Вуди Ален или Стенли Кјубрик прават филм, тие сепак ја обезедуваат душата на нивните филмови. Во случајот со Трир тоа не е така, и тој го знае тоа. Знае дека му е потребна жена за делото да му има душа. Им завидува и ги мрази заради тоа. Затоа мора да ги уништи во текот на снимањето. И да ги скрие доказите. Она што го спасува како уметнок е дека е сепак болно чесен, иако успева да го забошоти своето злосторство во „реалниот свет“ (гениј е во маскирањето на вистинската причина зошто неговата актерка се однесува така, веројатно е само хистерична или во ПМС). „Чесен“ значи дека неговите филмови стануваат документ за ваквото „душокрадие“. Најјасниот пример за ова е „Кршење на брановите“.

Според Слејт постои долга традиција на прогледување низ прсти на експлоатацијата и малтретирањето кое се случува помеѓу актери (и машки и женски) и режисерите. Простувањето е заради добиениот висок уметнички резултат (онаму каде што тој е постигнат). Во минатото аргументите дека таа, уметноста, треба религиозно да биде одделена од условите под кои е произведена (примерите со „Шајнинг“ или „Последното танго во Париз) делуваше како симптом на недоволно ценење на уметноста. Но сега, кога поплавата обвинувања против Вајнстајн, и покрај можните „шлепања“ на темата и на такви кои никогаш не биле малтретирани, покажува системски проблем со злоупотреба во филмската индустрија. И веќе како симптом на негрижа не за уметноста, туку за луѓето кои ја создаваат.

Претходно: Режисери кои малтретирале актерки заради добра сцена

16 октомври 2017 - 13:02