Хит книга со совети за преживување во (британски) затвор

Дали риба во конзерва е вредна затворска валута? Дали ако имаш неконтролирано мокрење ти следи самостојна ќелија? Книгата на Карл Катермон го издигна на ниво на херој помеѓу неговите колеги-затвореници, а до сега кружеше како фотокопија. Утре, 20.06, го издава престижниот Пингуин.

Кога Катермол бил пуштен од затвор, по служење на казна од две и пол години за штета, тој бил „збунет и лут, но подготвен да го претвори искуството во нешто позитивно“. Она што го доживеал во затворите во Лондон му ги отворило очите. Затворот воопшто не личел на некаква кланица како што го претставуваат холивудските филмови. Но истовремено не бил баш и центар за рехабилитација како што го претставувале политичарите. Наместо тоа, Катермол наишол на систем кој е истовремено и недоволно финансиран но и многу скап, бидејќи дава приоритет на казната пред реформата, што значи дека има голем број повратници и непотребна бруталност - лоша храна, тешка бирократија и системи на наградување кои ги вртат затворениците едни против други.

Кога излегол, во 2011, тој го напишал водичот кој всушност му бил потребен додека бил внатре. Тој содржи бројни совети, на пример како да направиш сос за салата од конзервирана туна. Информација дека најдобро платената работа во затворот е „биохазард“ - чистење на повраќаници и крв од другите затвореници. Потсетник да ги откажеш телефонот или телевизорот, за да не ти се трупа долг. Тоа дека ако изјавиш дека мокриш навечер во кревет нема да ти донесе самечка ќелија, но дека истото може да ти успее ако кажеш дека слушаш гласови. Дека веќе никој не разменува цигари туку само средства за хигиена и конзервирана риба. Кои се вистинските формулари кои треба да ги пополниш ако сакаш да се жалиш на некој од чуварите. Дека ако се најдеш во ќелија со вистинските албански (кој знае, може и македонски) затвореници, тие може да знаат како да направат јогурт од застојано млеко.

Книгата се вика „Затвор: водич за преживување“, а првите 1000 копии биле направени со нелегално користење фотокопир во некаква банка во текот на ноќна смена од страна на пријател-чистач. По некое време на авторот почнале да му стигнуваат мејлови од задоволни читатели, полни благодарности за тоа што им укажал на услуги за кои не знаеле дека постојат, и што им дал одлични совети кога тоа не го сторил никој друг. Дури и парламентарец од опозицијата изјавил дека книгата „го исмева нашиот (британскиот) правен систем“.

Утре, 20.06, од печат излегува официјалната верзија, и тоа ни помалку ни повеќе туку издадена од британскиот Пингуин. „Култниот водич за британските затвори, сега целосно апдејтирана со дополнителни текстови од жени и ЛГБТ затвореници, како и од семејствата вон затворот“, вели рекламата. Добра издавачка идеја за сличен водич низ македонските затвори, иако кај нас повеќе требаат прирачници за преживување непореметен на слобода. 

19 јуни 2019 - 13:38