Збор на денот

Хаосот во автомобилот на Борис Џонсон е „словенски“?

Минувајќи низ дневните вести за да се инспирираме за статија, наидовме на една која навидум нема никаква врска со Букбокс. Некој ја фотографирал внатрешноста на Тојотата на бившиот министер за надворешни и кандидат за иден британски премиер. И сцената ја опишал со збор кој неодоливо нè потсети на еден друг.

„Фотографиите на Тојотата на Џонсон се мртва природа на неред“, вели текст на оваа тема во Гардијан, во кој авторката за „неред“ го користи зборот slovenliness.

Поентата на текстот е дека некој кој има ваква несредена кола не може да има среден ум, односно дека внатрешноста на автомобилот е одраз на хаотичната душевна состојба на сопственикот, кој заради тоа и не смее да биде на значајна државна функција. Во други медиуми се оди дури до таму што се прави детален список на она што е на седиштата и на подот: крекери, празни картонски чаши за кафе, книги, опишувајќи ја колата како „подвижна корпа за отпад“.

Но што значи „словенли“, односно „словенлинес“? Според Онлајн етимолошкиот речник (релативно сигурен извор и за професионални лингвисти), станува збор за придавка во англискиот прв пат забележана во 1510 со значење „ниско, долно, валкано“. Се користело за опишување на жени со низок морал (slovenly woman), но и за маж-бараба (slodder). Оттаму придавката означува истовремено и „валкана“ личност во морална смисла, но и физички несредена, „мрсна“, со низок степен на хигиена.

Потеклото на зборот е најверојатно германско, а истиот се среќава и во голем број негови соседни јазици, како фламански (sloovin), холандски (slofen) и средногермански (sloven). Иако најверојатниот корен е од sleubh - се лизга, се изместува, „фаќа кривина“ (од таму и англиското slip и sloppy), на прво читање не може да се одбегне асоцијацијата со „Словени“, и покрај тоа што на англиски Slav се пишува со а, а не со о. Потврда на оваа претпоставка најдовме и на еден лингвистички блог, кој вели дека една од можните интерпретации е дека терминот најпрвин бил расистички, и се базирал токму на робовите (slaves) но и на Словените (Slavs), при што пежоративното значење ја отсликувало вековната предрасуда на западно-европејците во однос на оние од централна и источна Европа.

Класичарите кои ги консултиравме се прилично резервирани околу правењето ваква директна паралела. Но не можевме да се воздржиме од асоцијацијата, особено имајќи предвид дека истиот тој Борис Џонсон чија кола сега се коментира, инаку познат по својата креативна употреба на англискиот за навреди, во 2015 кога беше градоначалник на Лондон излезе со изјава дека „Британија е жртва на мулти-култи балканизација“. Истиот збор во англискиот во смисла на расцепкување и хаос се користи не само во политичката туку дури и во интернет терминологијата (види претходно: „Дали ќе се случи балканизација на интернетот?“). Оттаму некако интуитивно slovenliness многу ни мириса (смрди?) на коментар на словенштината, примитивноста и нередот на словенските племиња. И на некои британски политичари кога се однесуваат како нив.

20 јуни 2019 - 10:35