Локален интернет жаргон

„Ха-хање" на различни јазици

На Rеddit деновиве се појави интересна дискусија за тоа како изгледа муабет на социјални мрежи на не-англиски јазици. Да, има локални варијанти за изразување различни чувства кои се повеќе од обични емотикони. И некако сме среќни што голем број од нив се однесуваат на - смеење.

„Ха" - краток извик, повеќе врзан за некакво изненадување. „Хаха" - смеење на нешто...смешно. „Хе" - смеење со благ потсмев. „Хехе" - истото, со момент на сеир (блиско до моето омилено 'пфф', кое содржи и доза на ароганција). „Хааааа" - катарзичен извик/воодушевување од нечија луцидна забелешка.

Очигледно и во македонскиот е можно да се изразат, економично и прилично јасно, различни варијации на нешто што во англискиот би било LOL или просто 'haha'.

Но како се смеат луѓето на интернет и на други јазици? Еве неколку од најинтересните примери:

Таи - 55555

На Таи бројот 5 се вика „ха", па наместо некому да му напишеш „хахахаха" му редиш петки. И сè е јасно.

Јапонски - www

Често мешана со www као World Wide Web, кратенката најверојатно потекнува од канџи идеограмот за „смеа" 笑, кој на јапонски се изговара „вараи" а на латинично писмо се транскрибира со warai. Зборот бргу се скратил на 'w', како израз на смеење. Па ако едно w, е ха, тогаш повеќе се хахаха.

Кинески (мандарински): 哈哈 или 呵呵

Иако мандаринскиот си има посебен збор за смеење, во него често се користат и погорните ономатопеи на смеењето - првиот знак за ха ха, а вториот за хе. Има и трет, 嘻嘻, кси кси, и тој е повеќе како кикот.

Слично како во претходниот пример со петката во таи, бројот 8 на кинески се изговара „ба", па Кинезите често пишуваат 88 кога сакаат да се одјават (ба ба - како бај бај).

Корејски: kkkk или kekeke

Ова доаѓа од ㅋㅋㅋ, скратено за 크크크, корејски еквивалент на „хахаха".

Шпански: јајаја

Ј пред вокал во шпански е х, па јајаја е директна аналогија на хахаха.

Француски: MDR

Подобрена варијанта на LOL: mort de rire или „смрт од смеење"

На крајот на краиштата и не е важно дали се петки, емотикони, или хахања, битно е да се смеете, од срце.

21 јули 2013 - 21:11