Грчкиот лингвист кој се обиде да докаже дека грчкиот и македонскиот јазик се од ист корен

Книгата на Циулкас е издадена во 1907 и тогаш не предизвикала некое големо внимание. Но во 1991 е реиздадена, и тоа со предговор од долгогодишен пратеник и некогашен министер во грчката влада. 

Константин Циулкас е роден 1845 година во село Горенци (денес Корисос), село во регионот на Костур. Бил учител во своето родно место, во кое повеќето жители зборувале македонски. Тој сепак бил остар противник на внесувањето на „словенскиот говор“ во официјалното образование и во црковната служба, а учествувал и во гушењето на обидите за воведување народен јазик во училиштата во Костурскиот регион.

Како таков бил забележан од баронот Константин Белиос, грчки трговец и мецена, кој му овозможил да студира филологија во Атина. По дипломирањето во 1879 бил испратен во Битола, каде десет години бил директор на грчката гимназија.

Во 1907 Циулкас во Атина објавил книга од 350 страници под наслов „Прилог кон двојазичноста на Македонците преку споредба на наводно словенскиот македонски јазик со грчкиот“. Иако тврдел дека не познава ниту еден словенски јазик (а секако дека го зборувал македонскиот), тој се обидел преку разни историско-лингвистички акробации да докаже дека јазикот на словенските говорители во тогашна Отоманска Македонија не бил ниту македонски, ниту бугарски, туку - древно грчки дијалект.

Циулкас за оваа цел се потпирал главно на лексиката, додека на останатите аспекти (фонологија, морфологија, синтакса) посветил само 11 страници. Неговиот фокус бил на зборовите со заедничко, индо-европско потекло со грчкиот, со што сакал да покаже дека основните елементи на македонскиот речник не бил словенски, туку грчки. Составил список од зборови кои се појавуваат во „Илијадата“ и „Одисејата“ и истражил колкав број од нив преживеале во „народниот“ јазик (650), а колку во „наводно словенскиот македонски“ (1260). Еден од примерите е „вино“, со потекло од латинското vinum, чија сличност со старогрчкото oinos според него не се должи на тоа што македонскиот збор е изведен од старогрчки, туку на тоа што и старогрчкиот и латинскиот збор се всушност од ист, индо-европски предок.

Според книгата „Јазик и национален идентитет во Грција, 1766-1976“ од Питер Мекриџ во издание на Оксфорд јуниверзити прес од 2009, се вели дека иако на времето немало грчки лингвисти кои ја поддржале тезата на Циулкас, во 1991, значи скоро еден век од првото печатење, таа е повторно објавена во Грција, без наведување на историскиот контекст и без никакви негативни коментари. Напротив, книгата била придружена со пофален предговор од поранешниот владин министер Николаос Мартис. На Википедија страницата посветена на Циулкас неговата книга е означена како анти-научна и псевдо-лингвистичка, но исто така се наведува дека таа и денес може да се најде во слободна продажба. Истовремено се истакнува и еден парадокс - дека иако немал таква намера, неговите тврдења несакајќи придонеле кон идејата дека современите Македонци се потомци на oние древните.