Писатели и жени-писатели

Големата родова преселба на Википедија

Додека локално ја решаваме дилемата дали жената е темел, столб, тераса или лоџија на семејството, Американците си имаат свој проблем: сите писателки на Википедија, полека исчезнуваат од категоријата „Американски романсиери" и мигрираат во башка-башка категорија - пак романсиери, ама жени.

Целата дискусија почна со текст на Аманда Филипачи во Њујорк Тајмс, под наслов „Сексизмот на Википедија кон жените романсиерки". Авторката, имено, забележала дека уредниците на отворената енциклопедија започнале процес на селење, една по една и по азбучен ред, на жените од една во друга спомената категорија, што долгорочно ќе доведе до тоа дека кога ќе кликнете на во англискиот родово неутралното „American novelist", ќе добиете список составен исклучиво од имиња на мажи.

Објаснувањето на Википедија било дека оригиналниот список, составен од 3,837 автори (и авторки), бил премногу долг, и дека оттаму романсиерите требало да бидат поделени во подгрупи. „Фино, ама штета што нема подкатегорија 'Мажи романсиери'" беше коментарот на Филипачи.

По овој текст следуваше лавина на критики упатени кон Википедија, од познати и помалку познати писателки, активистки и „обични" жени. Џојс Керол Оутс, која предава креативно пишување на Принстон, и чии романи се неколукратно номинирани за Пулицер, изјавила дека „Пристрасноста на Википедија е прецизен одраз на универзалниот дисбаланс. Сите (машки) писатели се писатели; во случајот со жената, мора да се знае дека се работи за жена".

Џими Велс, ко-основачот на Википедија реагираше на сопствената Talk page (место за дебата на Википедија), со болдирано WTF (мек превод: што по ѓаволите?). Но ни тој не може да негира дека категориите се суштински за класифицирање на знаењето, и во случајот со Википедија, групирање на статиите, кои ја обезбедуваат структурата која не е налик на дрво, туку повеќе на мрежа, при што некои од категориите може да не бидат видливи на прв поглед. Типична скриена категорија е „Википедија: категории за дискусија", која содржи илјадници страници на логирани дискусии во врска со соодветноста на различни категории. По 'мета' од ова не може да биде.

Ова не е прв пат Википедија да биде обвинета за тоа дека е „машки клуб" - 90% од уредниците се мажи и тоа е очигледно, напиша New Scientist. На крај се откри и кој прв почнал - студентот по историја Џон Пак Ламберт од Универзитетот во Вејн, кој со седумгодишно искуство е ветеран на Википедија, и е познат по својата опсесија за креаирање категории, подкатегории, и подкатегории на подкатегориите. Во еден ден во селењето на авторките стигнал до презимињата на жените романсиери на Д, но налетал и на проблеми, бидејќи некои од нив спаѓаат во повеќе категории (пример жени бисексуалки романсиерки, кои се истовремено Афро-Американки). Но не се откажал - напротив - од Американките бргу прешол на Британките, па дури и на грчките сценаристки.

Родовиот тон на дискусијата само додаде масло на оганот на паралелниот, таксономски проблем на Википедија, кој според многумина не е ништо ново. Во моментов на страницата на жените-романсиерки пишува дека категоријата е предмет на дискусија, во смисла на конзистентноста на користењето на придавката машко/женско. Но во целата работа за многумина реакцијата на жените е изненадувачка - та нели токму феминизмот го измисли „женското писмо"?

7 мај 2013 - 15:17