Го знаеш оној за короната?: смешното во време на трагедија

Хуморот ни создава чувство дека ситуацијата е под контрола (штом за неа можеме да се смееме), и дека сме поврзани со други луѓе, на кои истата работа им е смешна. Па има ли подобри причини за повеќе да се смееме во моментов?

Се наоѓаме во една од најлошите глобални здравствени кризи во последниве 100 години. Па сепак, производството на смешни видеа, мемиња и смешки не само што не згаснува, туку како да е поголемо од вообичаено.

Што може да е толку смешно во трагични времиња? Како може да сме преплашени во еден момент (од дијаграми со бројки на заразени и починати низ светот), а веќе во следниот да се кинеме од смеење на едно вакво видео? Дали се ова знаци на хистерија?

„Зошто“-то во хуморот е дамнешна мистерија. За древните грчки филозофи како Платон и Аристотел, тоа бил опасен феномен, нешто што имало потенцијал да доведува во прашање авторитети, што важи и денес (па оттаму и цензура на сатирата во автократски општества). Но хуморот, токму во екстремни околности, е „штитот“ на човештвото, кој нè варди од мрачната реалност. Се зезаме затоа што, кога не би го правеле тоа, би требало да си ги кубеме косите и да плачеме во некој ќош.

Се зезаме, значи, за да задржиме некаква контрола и да се поврземе со други луѓе - две нешта кои борбата против коронавирусот ни ги одзема. Не само што не можеме да го сопреме бранот на инфекции, туку целата оваа реалност сме приморани да ја минуваме сами, дома. Обезмоќени и изолирани, сфаќаме дека шегата ни е најскапоцениот штит, и нашето најтопло ќебе за утеха.

Во моменталнава криза, хуморот е насекаде затоа што и стравот е таков. Смеењето нè поврзува во борбата против заедничкиот непријател. Шегите и мемињата кои сега се споделуваат најчесто не се злобни или исклучиви, можеби затоа што заканата е универзална. Најчесто тоа се глупи моменти од домашниот живот, имаат врска со тоалет хартијата или предизвиците на работата од дома. Секако, можеби наскоро ќе се појават (ако веќе не се појавиле) и такви кои таргетираат болни, ранливи или малцинства. Исто така, битен е и тајмингот кој одредува што е смешно, а што престанало да биде такво, затоа што ситуацијата во меѓувреме станала пресериозна за да се шалиме, на пример, со недостатокот на презервативи, кога луѓето во некои земји веќе немаат што да јадат.

По истиот принцип сега можеме да се смееме на оваа слика. За по неколку месеци таа можеби веќе да не биде смешна, туку реална...

извор

3 април 2020 - 15:27