Букбокс гледаше

„Тампопо“ (Глуварче, 1985)

Што се случува кога ќе се спојат јапонска комедија, филозофија и еротика со храна? Откачен филм после кој сигурно ќе почнете да пребарувате рецепти за „рамен“.

Наречен „рамен вестерн“, како асоцијација на италијанските „шпагети вестерни“, овој филм е чудна комбинација на зен приказна за совладување значајна вештина за јапонската култура, каква што е правењето добра рамен супа, сатиричен коментар и на источните и на западните стереотипи, и есеј за храната. Има многу филмови кои поединечно допираат некои од овие теми, но само овој ги меша во една ваква вкусна филмска супа.

Горо е осамен „јавач“ со клинтиствудовска насмевка, кој наместо коњ вози сканија. Со неколку пријатели, на една од неговите паузи од долгите патувања, залудно се обидува да го најде совршениот ресторан за „рамен“, традиционалната јапонска супа со тестенини. Де фидето било преварено, де зеленчукот пресладок, де зачините пресилни. До моментот кога во еден ресторан се случува тепачка, по која газдарицата - вдовица со дете - под име Тампопо го задржува Горо дома, на вечера. Запрашан како му се допаѓаат нејзините „нудли“ тој одговара: „Искрени се, но им фали храброст“.

Тоа е почеток на нивната платонска, но нежна сенсеи-ученичка врска, која вклучува посета на други рамен ресторани, пробивање на туѓите тајни за негова подготовка, дегустирање рецепти и серија проби и грешки, низ кои Тампопо не само што го менува начинот на кој го подготвува раменот, туку целиот нејзин светоглед во врска со храната.

Испресечени со оваа главна нарација се пократки „етиди“ кои навидум немаат никаква врска со неа - за мафијаш, неговата девојка и нивните антологиски еротски игри со жолчка од јајце или живи ракчиња; патник во воз кој се обидува да јаде додека го боли забот; помлад вработен кој ги засрамува своите претпоставени во ресторан во кој менито е само на француски, знаејќи го секој детал за европската храна. Сите овие приказни имаат врска со нешта што се јадат, но се сепак нешто повеќе од тоа - есеи за мешавината на сетилното и сатиричното, физиологијата и културата, одбивното и бизарно привлечното.

Во времето кога е снимен, пред повеќе од триесет години, филмот веројатно тешко комуницирал со западната, пред сè американска публика, која тогаш немала чуено ни за рамен, ни за суши. Денес тие се сметаат за интегрален дел од западната гастрономска понуда (постои дури и рамен-бургер). Но тоа не е единствената причина за актуелноста на „Тампопо“. Да се биде целосно посветен, концентриран, едно со она што се прави, во мигот кога тоа се случува, и тоа да вродува со нешто што е препознаено како единствено и неповторливо, е предизвик за оние уморни од површноста и повторливоста на современата култура. Кои имаат сила, како и Тампопо, да работат на себе, до моментот кога ќе успеат да направат совршено дело, од кое другите лижат прсти.

Една од антологиските сцени - упатство од стар мудрец за тоа како правилно да се јаде рамен. Лесно преточливо во упатство за тоа...како да се живее

9 јуни 2017 - 10:45