Букбокс гледаше (+18)

„Роко“ (документарец, 2016)

Дали може филм за порно ѕвезда да не биде самиот порно? Овој успева во тоа, иако вашето чувство за истото ќе зависи од тоа дали и какви филмови за возрасни сте гледале до сега. Од друга страна, кој гледа документарец за Нина Симон ако никогаш не слушнал ниедна нејзина песна?

Има така некои филмови за коишто е доволно да ја погледнете првата и последната сцена за да биде јасна нивната основна порака. Во случајов приказната за италијанскиот пастув Роко Зифреди, „вистинскиот џин“ во светот на порно индустријата, започнува токму така, симболично - со неговиот набрекнат орган, кој е истовремено изворот на неговата слава, но и на мрачната зависност и постојаното чувство на вина. Тоа прв пат се јавува кога малиот Роко се среќава со погледот на мајка си низ прозорецот додека прв пат мастурбира. Таа не го опоменува, туку само благо се насменува сигнализирајќи му дека тоа е нормално за еден маж.

Но од тој момент натаму критериумот што е „нормално“ во врска со сексот во смисла на вид и количина за него толку се менува (извитоперува?) што тој почнува да го изедначува со страдање. Токму ова чувство го отсликува последната сцена. Во неа Роко го снима последниот порно филм во кариерата пред пензионирањето. Атмосферата е некако свечена, целата екипа е трогната, во длабоките грла има и по некоја кнедла. Во последната клапа го гледаме Роко како низ вештачка магла тегне голем дрвен крст на плеќи. „Не сакам во ова да има ништо религиско, не се прикажувам како Исус, само сакам да кажам дека кариерата ми беше убава но и многу тешка“, објаснува тој во подготовките. На сите присутни ова им е некако и блиско, и јасно.

Француските режисери Тиери Демезир и Албан Теурлаи помеѓу овој симболички сендвич сместуваат ред автобиографски изјави на самиот Роко, интервјуа со негови најблиски соработници и колешки, како и со сопругата и двата сина. Нарацијата во прво лице е толку разговетна и живописна што во еден момент се добива впечаток дека некој друг актер чита напишан текст, за потоа, кога Роко зборува директно во камера, да се заклучи дека станува збор за истиот глас и човек. Неговото вистинско име е Роко Тано, а новото презиме било инспирирано од ликот на Ален Делон во „Борсалино“, Рош Сифреди.

Во документарецот има три клучни (авто)биографски точки. Првата е неговиот однос со мајката, кој влијае врз односот со жените воопшто. Втората се синовите - едниот од нив пред камера зборува за тоа дека уште како дете знаел која е професијата на неговиот татко, па дури и еднаш го видел како снима, но дека не би можел да замисли подобар од него. Брат му во тој момент само молчи и гледа во земја. Третиот елемент, кој е траги-комичен, е односот на Роко со својот братучед, Габриеле Галета, кој како млад сигурно бил и позгоден, но кој иако се обидел да влезе во порно индустријата како актер никако не можел да ја одржи ерекцијата кога ќе почнале да вртат камерите. Во филмот тој е камерман на филмовите на Зифреди, но нивните договори за тоа како ќе изгледа кадарот се како од комичен, а не порно филм. Галета има и откачени режисерски амбиции, за долги воведи и дијалози, а Роко на тоа вели „Добро де, а кога ќе се е*ат?“. И покрај видливата завист од успехот на роднината, Габриеле сепак се гребе од неговата слава и практично целиот живот заработува работејќи на неговите филмови. Оттаму и не е чудно што во последната сцена, кога се отвора шампањот по повод пензионирањето, тој е всушност и најтажен.

Роко е познат по насилната сексуалност во своите филмови. Но во овој начинот на кој тој ги води интервјуата со девојките (некои од нив додуша едвај зборуваат англиски и се премногу импресионирани за да бидат искрени) сепак покажува некаква грижа за тоа што тие можат и не можат или не сакаат да прават. Некои од нив му оддаваат признание, велејќи дека им овозможува да бидат силни жени со тоа што тој се поставува како силен маж. Сепак, останува впечатокот дека оваа професија не е воопшто лесна дури и за оние кои глумат во А продукции, а не снимени со рачни камери во сомнителни хотелски соби. Оттаму, книжевните биографии (како „Јас сум Џени“ на порно актерката Џени Кетчам за која пишувавме тука) и документарните филмови, како оној за неодамна обвинетиот за сексуални напади Рон Џереми, а и овој за Роко Зифреди, и покрај сите стекања и потења од (наводна) страст, наместо возбуда и телесна наслада, создаваат чувство на испразност и тага. Веројатно ниеден порно филм со Зифреди веќе нема да биде ист. Од оние, што нели, никогаш и не сме ги гледале.

Илина, Букбокс

16 септември 2021 - 12:41