Букбокс гледаше

„Проектот Ним“ (2011)

Документарец кој го следи животот и делото на шимпанзо по име Ним Чимпски, кој заради научен проект е растен како човечко дете. На крајот од мачната приказна излегува дека таа е повеќе за луѓето околу него, кои се вистинските „мајмуни“.

Годината е 1973. На Универзитетот Колумбија почнува проект за проучување на тоа како животните го усвојуваат јазикот и невербалната комуникација, раководен од професор по име Херберт Терас, харизматичен алфа-горила професор. Главен субјект на истражувањето, кое се надоврзува на неуспешен претходен проект под име „Проект Вашу“ (Project Washoe), е бебе-шимпанзо родено во заточеништво, кое неколку дена потоа е одземено од мајката и дадено на човечка „помајка“. Таа се однесува со него исто како и со нејзините човечки деца - го дои, му менува пелени и го учи да зборува. Го нарекуваат Ним Чимпски, како шегобијна асоцијација на Ноам Чомски и неговата теорија дека само човек е способен, од раѓање, за создавање комплексен јазичен систем.

Додуша времето на седумдесетите е малку откачено, исто како и семејството, па на Ним му е дозволено и повеќе отколку на едно дете - палав е, прави бељи за кои не е казнуван, пие пиво и пуши џоинт. Стефани ЛаФарж, „помајката“, инаку студентка на Терас и негова бивша љубовница, и нејзините деца, емотивно се врзуваат за мајмунчето, комуницираат со него со помош на знаковниот систем за глувонеми и отсликуваат речиси идеален соживот на луѓе со друго интелигентно животно (сопругот на Стефани и домашната мачка се нешто помалку воодушевени).

Но од истражувачка гледна точка проектот нема структура, не се водат дневници ниту каква и да е статистика. Постојаните притисоци на Терас за посериозен пристап не вродуваат со плод, а истовремено шимпанзото физички расте и на моменти се однесува неконтролирано. Почнува сексуално да ја напаѓа „мајка си“, и во еден момент речиси фатално ѝ го гризе лицето. Ова е одличен изговор на Терас за Ним да биде одземен од семејството и да биде предаден на друга млада, убава и многу амбициозна студентка, која како строга „класна“ овој пат работи сериозно со Ним за тој да научи што повеќе знаци и зборови, и за да го задоволи (на секој начин) својот ментор и неговата опсесија за докажување на когнитивните способности на приматите.

Но Терас е сурово прамгатичен, и кога сфаќа дека Ним, иако во еден момент успева да научи 125 знаци, сепак не гради нешто што може да се спореди со човечка граматика, туку ги користи знаците само комуницирање на одредена желба или потреба (главно за храна, играње и гушкање), речиси преку ноќ крева раце од него. Некогаш слаткиот сечиј љубимец сега е препуштен на мрачната судбина на животно кое е двојно хендикепирано - ниту може веќе да живее помеѓу неговите роднини-шимпанзите, ниту пак луѓето веќе се заинтересирани да живеат со него, откако го злоупотребија на сите можни начини. Додуша има и поединци во филмот кои се обидуваат да ја исправат или барем ублажат неправдата, но големата штета е веќе направена, и најмалку еден живот е уништен.

Режисер на филмот е Џејмс Марш (за чијшто „Човек на жица“ пишувавме тука). Тој комбинира документарни снимки, но исто така користи и актери за кои додека го гледате филмот не сте свесни дека се тоа. Таков е примерот со Стефани, која е играна од актерка, затоа што архивски снимки од раните денови на Ним биле ретки. Дали е ова етички за документарен филм е посебно прашање, но тој во секој случај е фасцинантна приказна за нехуманиот однос на луѓето кон ним блиските видови, но и едни кон други.

21 октомври 2017 - 10:18