Букбокс гледаше

„По животот“ (Нетфликс, 2019)

Доколку сте ја следеле еволуцијата на Рики Џервејс како комичар, во најмала рака ќе ви биде необично што во оваа мини-серија од шест епизоди тој се занимава со смртно сериозна тема. И што пораката која ја праќа е контрадикторна со неговиот генерален став - дека секој (а особено тој) треба да има право да се шали и на табу теми.

Тони е тазе вдовец, огорчен од прераното заминување на неговата сакана сопруга Лиза. Ги минува деновите гледајќи ги видео пораките кои таа му ги има снимено, со единственото друштво кое му преостанува - кучката Бренди. Песот е истовремено и единствената причина зошто тој е сè уште жив, иако брутално настроен кон секој човечки примерок кој ќе му се испречи на патот (не кучето, човекот „каса“).

Не дека па има многумина во малото гратче некаде во британската провинција, во кое е настан доколку се најдеш во локалниот весник, Тамбери Газет, па макар и затоа што дамката од влага на твојот ѕид наводно личи на Кенет Брана („а која не личи?“). Ликовите се како излезени од каталог: сив и брадосан зависник, русокоса полничка и цицлеста сексуална работничка, бавен и љубопитен поштар, новинска редакција во која мора да има еден симпатичен ама глуп, друга зборлеста и во обид злобна, трета нововработена и емпатична, и четврт (уредникот и истовремено девер на Тони) кој се обидува сето тоа да го држи на куп.

„Логиката“ зад однесувањето на Тони е следна: кога веќе нема што да загуби, тој одлучува да си ја искористи „супермоќта“, да кажува и да прави што сака, до моментот кога ќе му здосади и ќе си го одземе животот.

И не дека она што го кажува е во суштина лажно или погрешно. Но не водејќи сметка дали притоа некого ќе повреди, тој не само што ги отуѓува другите од себе, туку си го минира и сопственото закрепнување и шансите дека некогаш повторно може да биде среќен. Има додуша тука и одлични моменти, кога неговиот цинизам не само што е разбирлив туку е и смешен. Но има и други кои не можеме а да не ги разбереме како сигнал за некаква интроспекција на Џервејс како комичар кој барем до сега ги поместуваше границите на „дозволеното“ во комедијата. Има една сцена во која колегите на Тони го убедуваат да дојде со нив на настап на стенд-ап комичар кој се зафркава со самоубиство на свој пријател - пиејќи се што имало во шкафот во ВЦ-то тој на крај се загушил од тампон. Кога потоа случајно го повикува Тони кој е седнат во првиот ред да ја сподели својата приказна, „вицот“ веќе не е воопшто смешен. Дали е ова некакво ретерирање од досегашниот став дека супер-моќта на комичарот е да се однесува и да прави што сака?

Пресвртниот момент настапува кога на болничарката која се грижи за сенилниот татко на Тони ќе ѝ пукне филмот. „Ти си како Твитер трол. Само затоа што си вознемирен, не значи дека сите околу тебе треба да ги направиш такви. Прво мислев дека само имаш лош ден. Ама може едноставно си кретен“, му вели таа.

Ефектот на овој шамар не се чувствува веднаш, но перспективата на Тони почнува да се менува. Тој ја сфаќа разликата помеѓу тоа да биде искрен и да бидеш суров, и полека ја совладува вештината на базичната љубезност. „Среќата е прекрасна“, му вели вдовица со која често си прават муабет на клупа на гробиштата. „Толку е прекрасна, што дури и не е важно дали е твоја“.

Прв од современите комичари кој изненади со сериозна драма-серија беше Луи Си-Кеј со брилијантната „Хорас и Пит“ (за која пишувавме тука). Оваа на Џервејс не може да се мери со сложеноста на нејзините карактери и слоевитоста на текстот. Па сепак, и покрај честите троа лигави моменти, особено во последната епизода, не може а да не нè погоди барем моменталното отсуство на цинизам кај еден од неговите корифеи. А помислувајќи „ете, гледаш?“ кога тој на крај кротко се враќа во светот на луѓето, како да си зборуваме на себеси.

Илина, Букбокс

17 март 2019 - 22:05