Букбокс гледаше

„Обликот на водата“ (Shape of Water, 2017)

Дел Торо навистина има супер-моќи, да ве заведе и нурне во друг свет, во кој единствените важни облици се оние на љубовта. 

Кога бев мала, на ТВ во земјата крај вода во којашто тогаш живеевме, одеше американска серија, „Човекот од Атлантида“. Единствениот преживеан од подводна цивилизација, главниот лик, мускулест и со благо развиорена коса како што доликуваше на седумдесетите, можеше долго време да издржи под вода, и како таков го предизвикуваше вниманието на научниците. Како сега се сеќавам на сцена во која во базен му поставуваат тросед и му уредуваат цела дневна соба, за од таа дупка наполнета со вода да му создадат дом. И јас сакав така, да можам да дишам под вода, а на копно да излегувам само за сладолед.

Подоцна причините зошто идејата за човек кој може да дише под вода е толку привлечна ми станаа појасни. Не е само затоа што така тој има „марвеловска“ супер-моќ која му обезбедува предност пред другите смртници, туку и заради слободата да не биде врзан само за еден контекст, да функционира и на копно и во вода, како некои наши далечни предци. Можеби токму тоа е причината зошто такви „хибридни“ суштества (антропоморфни или не) има во митологијата на голем број народи. Едно од нив е ашолотл - мексиканскиот саламандер почитуван како бог меѓу Ацтеките, кој не само што може да живее и на копно и во вода, туку и „магично“ регенерира органи кога тие ќе му откажат.

Главниот лик во „Обликот на водата“ е асоцијација токму на ова суштество, но дизајнирано како „сикспек“ билдер со големи и влажни очи, чии крлушки блескаат како новогодишни светулки кога „тоа“ е среќно. И иако ваквиот опис може да звучи пародично и лигаво, во рацете на Дел Торо идејата навистина добива супер-моќи, да ве заведе и нурне во друг свет.

Елајза, која ја игра прекрасната Сали Хокинс (уште една нејзина одлична улога по „Моди“ од 2016), нејзината колешка Зелда и соседот Џилс, живеат во Балтимор од 1960-тите. Сите имаат причина да бидат несреќни: Елајза е сирак и нема (не може да зборува, но не е глува), Зелда е Афро-американка во време на нагласен расизам, а Џилс е геј сликар без работа. На ова невесело друштво наскоро им се придружува уште еден аутсајдер - безименото суштество пронајдено во водите на јужна Америка, чии амфибиски моќи владата на САД сака да ги испита и искористи за воени цели, и така да биде чекор пред непријателскиот СССР.

Чистачка во лабораторијата каде се вршат испитувањата, Елајза конечно наоѓа некого кој ја разбира и без зборување, и се спријателува со суштеството, секојдневно носејќи му варени јајца за ручек. Во моментот кога дознава дека претпоставените сакаат да го убијат и дисецираат, таа организира негово киднапирање, и го чува дома, во када. Следи романтика од надреален тип, бајка која ја слави „поинаквоста“, варијанта на „Убавицата и ѕверот“, која на моменти содржи насилство и блага еротика за да не испадне ептен „детска“, но која може, и треба да ја гледаат малку поголеми деца.

Освен визуелно, филмот е ефектен и заради музиката. La Javanaise на Медлин Перу, на пример, одлично ја доловува суштината на филмот - по малку меланхолична но оптимистична приказна за моќта на љубовта. Дека од подаденото космичко јајце може да се создаде некој нов, поубав свет, од оној настанат откако Ева му го подаде јаболкото на човечкиот Адам. И како што вели последната реченица во филмот, Бог (или љубовта) да се пронајдат и тогаш кога изгледа дека ги нема.

Unable to perceive the shape of you,

I find you all around me.

Your presence fills my eyes with your love.

It humbles my heart, for you are everywhere

Илина, Букбокс

17 јануари 2018 - 11:37