Букбокс гледаше

„Космос“, или играниот филм направен без пари

Сигурно не е најдобриот филм што некогаш сте го гледале. Но иако е од жанр кој си бара пари за да биде убедлив, тоа што е направен со лични и мали средства на авторите не му одзема од квалитетот. Напротив, така станува добра лекција за тоа како инаетот и тимската работа можат да победат.

Двајца браќа, Елиот и Зандер Вивер, се обидуваат да финансираат долгометражен филм, но процесот е долг и тежок. Потенцијалните финансиери не сакаат да дадат пари на почетници кои до тогаш имаат снимено само по некој краток документарец или видео спот. Но браќава не се обесхрабруваат. Одлучуваат сами да снимат филм кој би ги покажал нивните способности.

Британската научно-фантастичната мистерија „Космос“ повеќе личи на театарска претстава која се гледа на екран отколку на филмско дело. Но ова не е некаква замерка за квалитетот на приказната и за актерството, туку само очигледно ограничување кое го наметнал буџетот, односно неговото непостоење. „Минимал Холивуд“ би можел да гласи неговиот опис, или покажна вежба за тоа како би изгледале не само овој, туку сите високобуџетни филмови кога би биле снимани како да се аматериски во финансиска смисла. Авторите од џеб плаќале за сендвичи и бензин, актерите не добиле хонорар (а освен што глумеле помагале и на сетот), роднините биле и шминкери и костимографи, се снимало по домашни гаражи, блиски шуми и ливади, и така 5 (пет) години.

Филмот следи една вечер во животот на тројца астрономи-аматери кои се на прагот на револуционерно откритие - сигнал од вонземска цивилизација. Тоа се насетува уште од првите сцени, кога тие се сместуваат во автомобил среде никаде, опкружени со разни телескопи и радио-антени, како што правеле често и претходно. Па сепак, и покрај очекуваноста на заплетот, сакаме да видиме дали пораките на кои наидуваат се навистина вознемски, и дали тие ќе успеат да ги документираат и да ги споделат со светот. Визуелно, и покрај ограниченоста на средствата, филмот е коректен, а единствено на што може да се замери е пречестото бавно приближување на камерата кон лицата на актерите како асоцијација на некаква интроспекција или откритие, придружена со „та-на-на-нааа“ музика.

Но ентузијазмот на екипата е очигледен и заразен, а особено интересен е краткиот филм за правењето на филмот (12 мин). Се надеваме дека ова ќе им ги отвори вратите кај идните продуценти, но и дека ќе си го сочуваат младешкиот елан.

Илина, Букбокс

ПС. Благодарност до читателот што ни го посочи

20 јануари 2020 - 09:49