Букбокс гледаше

„Човекот-делфин“ (2017)

Нов документарец за човекот кого го памтиме од „Големото синило“ на Бесон - нуркачот Жак Мајол, кој наскоро ќе биде прикажан во рамки на Македокс и во Македонија. 

Има некои филмови кои човек ги памти долго, можеби не по некоја антологиска реплика или по омилениот актер, туку по атмосфера, бои, музика. Таков за генерацијата која интензивно гледаше филмови при крајот на 1980-тите беше „Големото синило“ на Лик Бесон, приказната за пријателството но и ривалството помеѓу двајца водечки шампиони во слободно нуркање, Жак Мајол и Енцо Мајорка (во филмот прекрстен во Енцо Молинари).

Иако знаевме дека секоја филмска биографија содржи и фиктивни елементи, не можевме а да не ги идентификуваме овие два лика со нивните историски пандани во реалноста. Жак таму, во реалноста, мораше да биде презгоден и продуховен Француз со големи детски очи, кој повеќе се разбира со делфините отколку со луѓето (го играше Жан-Марк Бар). А Енцо мораше да биде глуп и суетен Италијанец кој кога не нурка во вода се дави во шпагети (го играше Жан Рено). Но многу побитно од приказната за овие јинг-јан карактери беа подводните сцени, музиката на Ерик Сера и синилото...бескрајното синило кое се чинеше дека ќе се прелее од филмското платно, и од сите нас ќе направи слободни нуркачи.

Токму заради ваквото емотивно наследство кое ми го има оставено „Биг блу“ со големо љубопитство, но и со доза скепса го изгледав „Човекот-делфин“, нов документарец посветен на животот и подводното дело на вистинскиот Жак Мајол. Од неговото раѓање во Шангај, Кина, каде татко му работел како архитект, летните одмори во Јапонија каде како дете често ги гледал „океанските жени“ - нуркачки кои ја користат древната техника на задржување на здивот за лов на остриги, до работата во аквариум во Мајами каде должноста му била да се грижи за делфините, запознаваме човек кој не е баш сличен со неговата филмска верзија.

Боемчина на копно, тој често ги менува „рибите“, го обиколува светот без цент во џебот и знае да ги искористува пријателите. Но во вода приказната е поинаква - проучувајќи ги и применувајќи ги јога-техниките на дишење тој сè повеќе го продолжува времето кое може да го помине под вода и почнува да ги руши постоечките рекорди во слободно нуркање, станувајќи ѕвезда и промовирајќи го пошироко до тогаш елитниот нуркачки спорт.

На 49 години тој е првиот кој се спушта на 100 метри длабочина, а на 56 го повторува истото, овој пат постигнувајќи 105 метри. Постојано е следен од истражувачки тим, кој се обидува да одговори на прашањето дали човекот има скриен акватски потенцијал, кој може да биде активиран со ригорозен физички и психолошки тренинг. Тестовите покажале дека во текот на неговата „апнеа“, срцебиењето му се спушта на само 27 отчукувања во минута, рефлекс за нуркање кој постои кај китови, фоки и делфини. Во неговата книга „Хомо Делфинус“ (Човекот-делфин) објавена на англиски во 2000 година, тој предвидува дека за неколку генерации луѓе ќе можат да нуркаат до 200 м и да го држат здивот до десет минути. Moменталниот рекорд е на Херберт Нич со длабочина од 214 метри, поставен на 14 јуни 2007 во Спецес, Грција. 

Иако документарецот е пред сè (авто)биографски, филмот има и пошироко значење. Паралелно со основната приказна тој зборува за деликатната рамнотежа помеѓу умот и телото и духовната страна на апнеата. Особено трогателен станува кога ја опишува првата голема загуба на Мајол која му го менува животот, но и неговите последните години, исполнети со депресија поради физичката снеможеност и поради осаменоста. Нараторот Жан Марк Бар во прво лице ги пренесува искуствата на Мајол базирани на негови дневнички записи, а соговорници на режисерот Лефтерис Каритос се и двете деца на Мајол од првиот (и единствен) брак, како и помлади шампиони во слободно нуркање, кои ги пренесуваат нивните искуства со овој спорт.

„Секој нуркач во одреден момент мора да се помири дека веќе нема да биде во состојба да го постигне својот најголем успех“, вели еден од нив. Мајол не можел да се помири со тоа дека е заглавен на копно во тело на човек. Иронично, извршил самоубиство на 74 години, на Елба - местото каде го има постигнато својот прв рекорд, со бесење, одземајќи си го здивот. Побарал да биде кремиран, а пепелта да се фрли во морето. Така конечно го нашол својот спокој.

Филмот ќе може да се погледне во три градови во Македонија, како посебна проекција во рамки на МакеДокс, и тоа:

- 2.11. (четврток) / 20.00 ч. / KINO Kultura, Скопје / цена: 100 ден.
- 3.11. (петок) / 20.00 ч. / Центар за култура „Григор Прличев“, Охрид / цена: 100 ден.
- 4.11. (сабота) / 20.00 ч. / Спомен куќа „Браќа Миладиновци“, Струга во соработка со ДримОн / цена: 100 ден.

Погледнете го, задржувајќи го здивот и уживајќи во тишината на длабочините.

Фејсбук настанот тука

Илина Ј.

27 октомври 2017 - 20:21