Навреда на годината (кон оние кои лесно се навредуваат)

Генерација „снегулка“

Младиве се за греота. Затворени по дома, водејќи виртуелни животи, тие не се соочени со реалниот свет, во кој треба да покажеш издржливост, храброст и одлучност. Мислејќи дека се посебни - каква што е наводно секоја снегулка - тие се ранливи, и лесно се топат. Не дека нема такви и возрасни.

„Млади сироти снегулки“ е опис на новите генерации кои не можат да поднесат некој да има различно мислење од нивното, „нарцистични лигуши“ чии родители прекумерно ги заштитувале, до таму што тие не можат да поднесат критика или навреда. Секое паѓање на интернетот за нив е причина за депресија, секоја контроверзна тема сигнал дека разговорот треба да се одбегне или да се забрани. Ова е во целосна спротивност со претходни млади и бунтовни генерации, кои иако не успеале баш во менувањето на светскиот поредок, не може да им се замери дека барем не се потрудиле.

Изразот во поп-културата се појави во 1996, во „Боречки клуб“ на Паланиук - „Ти не си посебен. Не си убава и специјална снегулка. Ти си истата органска материја што се распаѓа, како и секој друг“, гласеше ставот кој само на прво слушање звучи сурово, но е всушност базична вистина. Иако таа би требало да има универзално значење и за старо и за младо, денешните медиуми метафората со снегулката ја користат исклучиво за изразување генеричко згрозување од луѓе кои се однесуваат различно од претходните генерации. Кога и да се појави ново истражување кое вели дека младите имаат помалку секс, пијат помалку алкохол или помалку се забавуваат, за тоа се има само едно објаснување - тие се „снегулки“.

На почетокот на овој месец речникот на англискиот јазик Колинс го додаде „генерација снегулка“ на својот список зборови на годината. Дефинициите за тоа кој е „снегулка“ можат да се движат од благонаклони (некој што си прави селфиња или премногу зборува за чувства), до крајно навредливи (млади нарцисти направени од „шеќерна волна“, со цензорски склоности).

Една од големите дебати поврзани со оваа тема во САД, на пример, е создавањето таканаречени „безбедни зони“ (особено на универзитетите) каде не смее да се зборува на одредени чувствителни теми, за да не се создаваат тензии и конфликт. Така, за да не се „ниша чамецот“ се спречува и можноста за решавање на проблемите. Од друга страна, студентите велат дека во свет во кој владее толку несигурност и во кој се чувствуваат крајно небезбедни, тие се принудени да бараат чаре во повлекување и формирање енклави во кои создаваат илузија дека ако за некои работи не се зборува, тие не постојат.

„Снегулка“ стана толку популарен опис на карактер кој не е доволно цврст за да се соочи со реалноста што тој почна да се користи и за повозрасни - Трамп беше опишан како „снегулка“ кога се бунеше зошто другар му Мајк Пенс бил навредуван на изведбата на „Хамилтон“ (тука). Левичарите ги нарекуваат десните „снегулки“ кога овие ќе се навредат, вториве ги нарекуваат така првите заради нивната либералност, старите ги викаат така младите...Ова само покажува дека победник во целата работа е самиот термин, кој е баш погодена метафора, но само ако снегулката е во еднина. Затоа што многу снегулки, а еве само што почнаа да провејуваат, можат да направат бура, па луѓето наместо да кенкаат, да мораат да се фатат за лопата.

29 ноември 2016 - 09:05