Галерија отстрани разголени уметнички дела за да „поттикне разговор“

Oпасен преседан, начин да се поттикне дискусија или бришење на минатото? Ова се некои од реакциите на неодамнешен потег на британска галерија. 

Манчестерската уметничка галерија привремено симна од своите ѕидови слика од британскиот сликар Џон Вилијам Вотерхаус. На неа се претставени старогрчкиот јунак Илас, слуга на Херакле, и неколкуте водни нимфи кои според приказната го имаат грабнато. Мит или викторијанска фантазија за тинејџерки со прозрачна бела кожа кои заведуваат младо и згодно момче? Прерафаелитско ремек-дело или навреда за политички коректното око на модерната публика?

Целта на галеријата која ја отстранило сликата било токму тоа - да иницира дискусија за претставувањето и интерпретацијата на уметничките дела од колекцијата. На нејзиното место на галерискиот ѕид во моментов има соопштение за истото, а посетителите лепат и пораки со нивните реакции. Истовремено се отстранети и поштенските картички и други производи на кои е репродуцирана сликата. Нејзиното вообичаено место, на кое ќе се врати по некое време, е просторија насловена „Во потера по убавината“ (In Pursuit of Beauty), каде се сместени слики од доцниот 19 век на кои е прикажано женско тело.

Клер Ганавеј изјавила дека името на тематската збирка е несоодветно, како машките уметници буквално да и „ловеле“ жените на сликите, чии тела се претставени како пасивна декоративна уметност. Отстранувањето, според неа, не е цензура, туку уметнички чин сам по себе.

Реакциите засега се мешани. Некои сметаат дека ова е опасен преседан, а други го нарекуваат бришење на минатото. Не се знае кога сликата ќе биде вратена на ѕидот, но кога тоа ќе се случи најверојатно ќе биде контекстуализирана на друг начин. Освен #MeToo, поттик за оваа акција била и реакцијата на извесен ликовен критичар на изложба на Вотерхаус од 2009, која се одржа во Кралската академија на уметности, а во врска со слика која ја прикажува смртта на Света Еулалија (горе), 12-годишно девојче. За неа тој напишал: „Не знаев дали да плачам, да се смеам или да повикам полиција“.

1 февруари 2018 - 08:30