Си немал петелот работа

Француски уметник ќе квачи јајца

Пред некое време голем број медиуми ја пренесоа веста дека еден уметник ќе помине цела недела вграден во карпа. Истиот тој сега има нов генијален проект - седење на десетина јајца додека од нив не излезат пилиња.

Абрахам Поаншевал сака да биде „човечка кокошка“. Тој повторно ќе помине неколку дена во необични услови (ко за човек, не и ко за кокошка), во стаклена витрина во музејот Пале де Токио во Париз, додека не ги исквачи.

Перформансот наречен „Јајце“ може да потрае и цел месец, со тоа што уметникот ќе има получасовна пауза на секои 24 часа. Тој е исто така на посебна диета богата со ѓумбир, за температурата на неговото тело да не падне под 37 степени. Постојано е покриен со ќебе, и седи на нешто како клупа со дупка за да не ги скрши јајцата (кокошкините, не своите).

Таткото на уметникот открива дека кога бил мал Поаншевал имал љубимец-кокошка, така што гарантира дека што и да излезе од јајцата ќе биде соодветно згрижено, а не изедено.

Смислата на перформансот според уметникот е медитација за циклусот на животот. Од јајце до кокошка тој обично трае од 21-26 денови, што кореспондира (случајно или не) со женскиот ментструален циклус. До сега не е спомнато едно алтернативно толкување кое нам ни падна на ум, дека во земја чиј симбол е гордиот петел, Француз сака да живее како кокошка, така деконструирајќи ги родовите улоги, патријархатот и омлетот.

Целата работа е инспирирана од трагикомичен расказ на Ги де Мопасан. Во „Тоан“, како што е неговиот наслов, една терсене сопруга се одмаздува на нејзиниот мрзлив и боемски настроен сопруг парализирајќи го со мистериозна болест, и користејќи го неговото тело за да ги топли јајцата од кокошките.

Експертите велат дека ембрионите во јајцата имаат речиси нула шанса да преживеат, бидејќи човечките тела се постудени од оние на кокошките. Зоологот кој бил консултиран по ова прашање откако чул за „перформансот“ изјавил: „Мислам дека животот е поважен отколку некои од оние нешта кои се нарекуваат уметност“.

Претходно за слично „квачење“ но нешто друго: „Уметникот е на шоља“

30 март 2017 - 10:44