„Флеш фикшн", или колку кратка може да биде кратката проза?

Како треба да изгледа прозата во свет во кој се форсира брзина, и во кој нема концентрација за читање на што и да е подолго од неколку реченици? Дури и „кратка" веќе е предолга одредница за ваквиот вид приказна.

Ја знаете онаа приказна од една реченица, којашто погрешно му се припишува на Хемингвеј, но е влезена во аналите на ептен кратката проза - „На продажба: бебешки чевли, неносени" (за тоа пишувавме тука) Без оглед кој е автор на оваа „приказна", тој или таа биле визионери во жанрот, идеален за автореферентни, иронични читатели, залепени за мобилните, кои уживаат во овие кратки досетки кои исчезнуваат од мониторот уште пред да добијат шанса вистински да се доживеат.

Во последно време дури и автори кои вообичаено пишуваат на долго и на широко почнуваат да се интересираат за ептен краткиот прозен жанр, главно поврзан со Твитер. Се издаваат цели книги составени од твитови, како „Црната кутија" на Џенифер Еган, којашто всушност прво се појави на твитер сметката на Њујоркер во 2012, а потоа беше објавена како книга. Но не е само до Твитер - Лидија Дејвис, една од мајсторките на овој жанр (чија збирка од 752 страници топло ја препорачуваме), токму за вакви приказни ја доби биеналната награда Букер, која се доделува за целосен опус на некој автор а не за индивидуална книга.

Новата Flash Fiction International содржи 83 вакви кратки приказни, долги само неколку стотини зборови, од шест континенти. Најстарата во збирката е онаа на Кафка, „Царската порака", која во атмосфера на „Чекајќи го Годо" го опишува бескрајното патување на еден гласник кој треба да пренесе значајна порака којашто му ја шепнува кралот на умирање (само една страничка, тука). Во „Ессе" на Чеслав Милош пак нараторот се обидува да опише лице на жена којашто ја видел во воз, и таа повеќе личи на песна во проза. Од современите, има приказни од Сирија, Ирак и Чиле, посветени главно на политичката опресија, но со нота на магија и хумор. Така, „Петте нови синови" на Сиријката Закарија Тамер почнува како бајка, со свадба. Но младоженецот е уапсен три дена подоцна, и работите свртуваат во друга насока. Кој е тогаш таткото на петте синови, кои тој ги наоѓа кога по една деценија се враќа дома?

Како што вели Расел Банкс, американски писател: „Изворот, потребата за оваа форма ми изгледа како да е истата која ги има создадено зен коаните и суфи приказните". Од каде ваквата вонвременска привлечност на кратката проза? Можеби е до тоа што таа остава простор за толкување и за фантазија. Особено ако се работи за поговорка, лапидарноста ѝ дава и тон на авторитативност, како да ја изговара некој повисок ентитет кој стандардно се изразува кратко и јасно, и не трпи приговор.

Ова е всушност трета збирка во серија на истите автори, кои го создадоа терминот „флеш фикшн" уште во 1992, објавувајќи ја првата книга составена главно од приказни на северноамерикански автори. Следната беше во 2006, но дури сега, преку најновата, којашто го опфаќа целиот свет, којшто во меѓувреме уште повеќе забрза, може да се доживее вистинската природа на овој жанр.

4 април 2015 - 10:02