Европските издавачи се паразити на грбот на авторите од сиромашните земји

Ова го тврди Фарук Шехиќ, добитник на наградата на ЕУ за литература за 2013 за романот „Книга за Уна“. Вели, да не било тоа немало да знаел какво дно се издавачите од земјите кои важат за цивилизирани. Би било интересно слични искуства да пренесат и наши преведени автори во Европа, онолку колку што ги има.

пишува: Фарук Шехиќ

Да не ја добиев наградата за книжевност на ЕУ немаше да имам прилика да ги запознаам ѓубрињата кои можат да се најдат помеѓу издавачите од таканаречената очовечена Европа. Зошто ѓубриња? Затоа што тоа се анонимуси кои паразитираат на грбот на писателот, не вложувајќи во вашата книга ни динар од свој џеб, затоа што постои фонд кој се вика Креативна Европа, кој на издавачот му дава голем грант, од кого најголема корист има издавачот, а најмалку авторот.

Авторот е антихерој кој мора да преговара за процент од секој примерок на продадена книга, што е оптималната опција, затоа што обично ви даваат договор во кој немате право на таков процент. Така потпишав неколку неповолни договори, и тоа баш во земји во кои книгата добро се продаваше. Сега го имам тоа горчливо искуство, а би сакал да го немам, затоа што тоа воопшто не ме облагороди.

Пред да ја добијам наградата на ЕУ имав преводи на пет светски јазици и солидно позитивни искуства со странски издавачи. Да почнам сега од издавачот XY кого ми го најде мојата преведувачка. Првиот контакт кого го имав со личност од тој издавач, кој важи за многу угледен за поезија, беше индикативен.

Девојката ме контактираше преку мејл дека немаат пари да ми платат авторски права. Штосот е во тоа што тие за печатење, авторски права и промоција на мојата книга добиле грант од фондот Креативна Европа, па беше многу едноставно во старт да одбијам таков договор. Морам да признаам дека уживам во покерашко преговарање со издавачи, затоа што мене навистина не ми е битно по секоја цена да ми излезе книга.

Мојата книга има своја цена, затоа што ја пишував повеќе од 11 години. Единаесет години вложив во таа книга. Можеби е тоа и најлошата книга на светот, но е моја, и јас го ценам трудот, потта, крвта, солзите и сето она што морав да го дадам од себе за да ја напишам.

Па ѝ пишав на девојката од XY дека ако немаат пари за авторски права тогаш нема да ја има ни мојата книга на полски. Мојата преведувачка се загрижи, затоа што мислеше дека мојот потег е нетактичен, но јас знаев дека издавачот многу бргу ќе се јави, што и се случи за неколку денови. Откако изблефирав на невидено, а уживав во тоа коцкање, веднаш се согласија на моите услови и платија како што треба.

Но лошите искуства продолжија. Да ја имаш мојата книга во рака, со мојата биографија, и да не знаеш да ја продадеш, е одлика на некој кому не му е баш до книжевност. Па издавачот, кој има сопствен фестивал, не ме повика на промоција, иако доби пари за тоа.

Потоа книгата стигна до финале на угледната средноевропска награда Ангелус, која изнесува 150.000 злоти (околу 36.000 евра), што е доволно да купите стан во центар на Сараево. Ме повикаа на доделувањето во големото финале заедно со шест писатели, и сето тоа беше совршено организирано. Делови од нашите книги изведуваа актери и музичари од вроцлавскиот музички театар. Беше навистина импресивно. Само, на доделувањето не се појави мојот издавач, иако живее во Вроцлав.

Макар и да си најголемиот почетник на свет треба да се поставиш така како твојата книга да ќе се продава како оние на Коељо. И треба да бараш процент, па макар да не се продаде ниту еден примерок.

Некогаш од таквото коцкање излегував како губитник. Така ми се случи кога преговарав со романскиот издавач. Тие нудеа 300 евра за авторски права, а тоа е убедливо најниската сума која ми е понудена, затоа што хонорарите (без процентот), или авансот (кого после ти го одбиваат од процентот) се движат од 500-1000 евра. Просек е 600-700 евра. Барав од Романците 500 евра, но семтав дека ќе се најдеме на 450. Но потоа тие веќе не се јавија. После дури и се согласив на 300, но лутите Романци не се јавија. Така и ми требаше кога сакам да се коцкам.

Не жалев многу за романскиот издавач, но веднаш го одбив францускиот, затоа што тој нудеше 300 евра за авторски права, плус 200 откако ќе излезе книгата. Принцип е принцип и тука престанувам да бидам коцкар и преговарач. На чешкиот издавач му ги напишав следните услови: минимален хонорар и 7% од продажбата. Никогаш не добив одговор.

Во 2008 го одбив и германскиот издавач кој сакаше да ми ја објави книгата раскази „Под притисок“, затоа што не понуди ниту едно евро за авторски права. Никогаш не се покајав, затоа што не сакам книгата да се преведе и да биде објавена во петпарачка издавачка куќа само за тоа да го впишам како биографска единиција. За жал нашите автори се осгласуваат на сè за да ѝ угодат на суетата, и за да можат да се фалат со преводи во безначајни издавачки куќи во таканаречената очовечена Европа.

Подобро книгата никогаш да не ви се преведе на некој странски јазик, а притоа да го задржите својот авторски интегритет и став. И во таканаречената очовечена Европа живеат луѓе од крв и месо, апаши на куб. Ако книгата не ви биде преведена на некој странски јазик, таа не губи, туку губат читателите и јазикот на кој таа нема да биде преведена. Помеѓу анонимност и понижување, секогаш го бирам првото.

Извор: XXZ magazin

14 април 2018 - 08:16