„Галантна“ литература

Еротиката пред Плејбој и Порнхаб

За да се насладувате на визуелни прикази на секс порано не сте морале да имате интернет. Но сепак требало да бидете во одбрано друштво претплатници на ограничен број примероци високо уметнички илустрирана литература. Која и не била толку за читање, колку за гледање.

Во доцниот 18 и раниот 19 век, пред развојот на фотографијата, и многу пред подвижните слики, светот на еротската литература бил луксуз за богатите. Ласцивно илустрираните романи ги купувале „добростоечки“ џентлмени, кои можеле да си дозволат да поседуваат примерок од овие книги, кои излегувале во ограничен тираж од по 100-200 копии. Романи, избор еротска поезија или историски водичи за секс - она што ги правело скапоцени овие книги не биле толку зборовите, туку безобразните илустрации.

Сепак, најценетите илустратори биле вистински мајстори на својот занает, кои на вулгарното му додавале доза на софистицираност и елеганција. Таков бил Едуард-Анри Аврил, француски сликар и комерцијален уметник, кој под псевдонимот Пол Аврил бил илустратор на еротска, или како што била наречена во тоа време, „галантна“ литература.

За неговиот живот не се знае многу, освен дека пред да се запише на ликовна академија служел како војник во Француско-пруската војна, каде бил одликуван со Орден за храброст. Откако ја илустрирал првата книга, романот „Фортунио“ на Теофил Готје, почнале да му пристигнуваат нарачки од сите страни. Книгите илустрирани од него вообичаено се продавале само со претходна претплата, на тесен круг „љубители“.

Неговите најпознати дела се илустрациите во „Де фигурис венерис: прирачник за класична еротика“ од германскиот истражувач Фридрих Карл Форберг, како и оние во романот на Џон Клеленд „Фани Хил“ (1887).

Она што го забележуваат проучувачите на неговото дело е целосното отсуство на снебивање или срам на неговите ликови, како и фактот што во неговите слики оние кои изгледаат како повеќе да уживаат се жените. Има тука и групни сцени, и геј секс, и фини женски дружби. Да не ви раскажуваме, повеќе слики ќе си погледнете сами тука (само за +18:)

7 февруари 2017 - 17:35