Елон Маск - биографијата на еден нарцисоиден визионер

Eдна од биографиите-бестселери по која ќе остане запаметена 2015 е „Елон Маск: Тесла, СпејсИкс и потрагата по фантастична иднина", посветена на најуспешниот и најзначаен бизнисмен во светот во моментов.

Нарекуван модерна верзија на Томас Едисон и Хенри Форд, Маск е единствениот во Силициумската долина по смртта на Стив Џобс околу кого лебди слична мистична аура. 44-годишен, тој е човекот зад Пејпал, компанијата за производство на вселенски летала СпејсИкс, на онаа за производство на електрични автомобили Тесла Моторс, и на СоларСити, најголемата американска компанија за соларна енергија. Во моментов Форбс го проценува неговото богатство на над 13 милијарди долари.

Но тој е далеку од „обичен" бизнисмен - неговите потези се визионерски и револуционерни, и тоа во три одделни индустрии, кои се поврзани преку неговите проекти: автомобилите Тесла, на пример, се продаваат со гаранција за бесплатно гориво во форма на соларна енергија, од станици за напојување кои работат на соларни панели произведени во Солар Сити. Истовремено, развиена е домашна батерија со пристапна цена која ја складира сончевата енергија и се вклучува кога соларните панели се празни.

Амбицијата на Маск е без преседан: „Нашата цел е фундаментална промена на начинот на којшто светот ја користи енергијата, комплетна трансформација на целосната енергетска инфраструктура на светот". Проектот пак СпејсИкс е започнат за ако и покрај сè цивилизацијата биде доведена во опасност, да се формира човечка колонија на Марс. И тоа колонија составена од повеќе од 80.000 луѓе, колку што има на пример Хоуторн, Калифорнија, во близина на Лос Анѓелес, каде е седиштето на СпејсИкс. Целиот проект е серија подеми и падови - во март 2006 беше лансирана првата ракета на СпејсИкс, која падна на земјата и се распадна за помалку од минута. Истото се случи и вториот пат. Дури во 2008, шест години по најавата, СпејсИкс Фалкон 1 стана првото приватно конструирано вселенско летало кое стигна до орбитата.

Деталната биографија на Ешли Ванс е напишана во соработка со Маск, иако не и со негово конечно одобрување. Тие заедно минале повеќе од 50 часа во интервјуа, во кои тој открил повеќе детали за тешкото детство во Јужна Африка, неговите почетоци како физички работник-емигрант во Канада, едвај избегнатата смрт од маларија и смртта на неговиот прв син од синдромот на ненадејна смрт кај новороденчиња. Вториот дел се однесува разочарувањата но и огромните бизнис успеси, кои според него се раководени не од желбата за пари, туку од идеи. Токму тие, вели Ванс, го тераат да работи и по 100 часа неделно, и да биде суров и кон себеси, но и кон вработените.

Поранешен вработен кај Маск изјавил: „Голем број од нас напорно работеа за него со години и беа исфрлени како партал. Стана јасно дека луѓето кои работат за него се како муниција, кои се користат за одредена цел додека не се потрошат, а потоа се фрлаат". Една граматичка грешка во мејл на вработени во маркетингот можела да биде причина за отпуштање, а за отсуство од работа не било изговор ни желбата да се биде на раѓањето на сопственото дете. „Тоа не е доволен аргумент. Екстремно сум разочаран. Треба да си ги преиспиташ приоритетите. Ние тука го менуваме светот и историјата, и или ќе се посветиш или нема да работиш тука", му напишал Маск на еден од вработените.

Она што е јасно е дека се работи за бескомпромисен лидер кој инвестира во ризични потфати, но со долгорочна визија и голема техничка интелигенција. Речиси како вонземјанин, со кого често го споредуваат - човекот психолошки сепак има симптоми на класичен нарцис, од потребата да биде славен, недостатокот на емпатија, верувањето дека е попаметен од сите и месијанскиот план да ја спаси цивилизацијата. Стив Џобс во споредба со него делува баш зен.

На книгата сепак ѝ се замерува за збунувачката хронологија (односно недостатокот од неа), како и за очигледното воодушевување кое го зафатило Ванс при средината на книгата, а заради кое тој „ја загубил репортерската дистанца". Можеби Маск навистина има некаква посебна дарба со која ги заведува луѓето околу него, да учествуваат во проекти кои на почетокот делуваат како лудост, за ретроактивно да бидат славени како визионерски.

17 август 2015 - 09:07