Eл Лектор: читачите во фабрики за цигари

Од 19 век па до денес во кубанските погони за производство на пури и кубански цигари многу важна улога имаат тн. „лектори" или читачи. Тие не само што информираат и забавуваат, туку од ваквата своја улога црпат и големо политичко влијание.

„Лектор" е уникатна професија врзана за кубанската култура - човек од редот на работниците кој бил доволно писмен и гласен за да може да им чита извадоци од весници и книги на неговите колеги, за така ем да им помине побрзо времето, ем тие да бидат информирани.

Во нејзината книга под наслов „Историја на читачот во фабриките за цигари" од 2010, Арачели Тинахеро ја следи еволуцијата на оваа практика, од средовековните манастири каде гласно биле читани свети текстови на монасите заветени на молчење, до 19 век, кога иако печатените книги веќе биле достапни, читањето книги на глас се уште било вообичаено во буржујските домови, сè додека не било заменето од радиото и подоцна од телевизијата.

Историјата на „лекторите" е богата и полна со анегдоти. Една од нив зборува за ривалство помеѓу двајца виткачи на цигари, Хезус Фернандез и Енрике Веласкез, кои пребегани од Куба ја пренеле традицијата на читање на глас во фабриките за цигари во САД, поточно во Тампа, Флорида. Нивното непријателство започнало во 1903, кога во фабриката кадешто работеле лекторот требало да прочита делови од роман наречен La Canalla, кој според Фернандез содржел сцени кои можеле да ја вознемират женската работничка публика. Расправајќи се на оваа тема, двајцата колеги толку се возбудиле што извадиле пиштоли и испукале неколку куршуми. Обајцата биле ранети, но Веласкез умрел пет дена подоцна.

Настанот покажува колку сериозно се сфаќало читањето на глас. Работниците одлучувале да останат подолго на работа само за да го чујат крајот на книгата, или да се информираат за актуелните настани од преведените американски весници. Оттаму, „читачите" биле и неформални учители.

Еден од првите бил човек по име Сатурнино Мартинез, кој во 1865 имал свој весник „Ла Аурора", во кој се печателе не само дневни вести туку и парчиња литература соодветни за работничкото уво. Всушност, слушањето како некој чита било совршен начин да се ангажира увото, додека очите и рацете ја извршуваат монотоната работа на виткање цигари. Со оглед на успехот на оваа пракса, работодавачите ја поттикнувале, но некои од нив со услов да ја одобруваат содржината која се чита. Романите не биле проблем (дури и такви како „Клетници" на Иго), но проблематични станале некои од весниците, како самата Ла Аурора. Во 1866 полицијата ги забранила јавните читања по фабриките и вршела рации за да провери дали оваа забрана се почитува по погоните.

Но иако со паузи заради вакви причини, читањето продолжило, и станало платена професија, и тоа од приходот на вработените, кои издвојувале мал надомест (10-25 центи), но истовремено имале и свој глас во бирањето на литература и на оној којшто ќе чита. Наутро се читале вестите а попладне фикција, при што најпопуларни биле Жил Верн, Шекспир и спомнатиот Иго. Но некои од лекторите и сами пишувале - така некоја лекторка Марија Каридад Гозналес Мартинез напишала 21 роман во текот на нејзината кариера. Ниту еден од нив не бил објавен, таа сама им ги читала на глас на работниците.

Во ова видео еден од лекторите објаснува што подразбира неговата професија - меѓу другото и голема креативност, особено кога ќе сфатиш дека во книгата фалат последните, најважни страници, па мораш да измислуваш крај, без да те забележат

26 ноември 2015 - 10:27