На сајтот dictionary.com

„Егзистенцијално“ е збор на 2019

Климатските промени, вооруженото насилство, вистински или проектирани закани и кризи во светските вести во текот на годината што изминува, направи најчесто пребаруван збор на популарниот сајт dictionary.com да има врска со најосновното - нашиот опстанок и егзистенција.

„Егизстенцијално“ изби на врвот на пребарувањата на dictionary.com по последиците на масовните пожари во САД и ураганот Доријан, како и по вооружениот напад во Крајстчрч, Нов Зеланд, и Ел Пасо, Тексас.

„Според нашите податоци, фрекфенцијата на пребарување на овој збор покажува едно чувство на несигурност за нашиот опстанок, и буквално и фигуративно“, изјавил Џон Кели, истражувач и уредник на сајтот.

Влијание врз популарноста на зборот имал и филмот „Приказна за играчките 4“ во кој лик по име Форки - бела пластична лажилушка (комбинација на лажица и вилушка) мисли дека е отпад, минува низ егзистенцијална криза, за потоа да прифати дека и таков, никаков, може да биде омилена играчка на едно дете (ако ве интересира целосна анализа на филмот во контекст на филозофијата на Жан-Пол Сартр тука).

Оксфордските речници го одбраа терминот „климатска итност“ (climate emergency) како свој збор на годината, со коментар дека тој го одразува „етосот, расположението и преокупациите изминатата година“.

„Егзистенцијално“ според етимолошките речници датира од 1685, со потекло од латинското existentialis. Сепак, во историјата на користењето на поимот тој е најчесто асоциран со филозофи и писатели како Хајдегер, Сартр, Кафка или Ками.

10 декември 2019 - 15:46