Еден ден во кожата на Александар Солженицин

Во чест на 100-годишнината од раѓањето на големиот руски автор (11.12.1918, Кисловодск), една негова обожавателка решила да се обиде да живее како него, барем на 24 часа. Не било баш лесно.

Со објавувањето на својот краток роман „Еден ден во животот на Иван Денисович“ во 1962, Александар Солженицин стана првиот кој се осуди да го опише бруталниот секојдневен живот во затворските кампови во СССР. Осуден (додуше без судење) на осум години присилен труд, и со години следен од КГБ, добитникот на Нобелова награда бил, и се уште е, морален и духовен авторитет за илјадници Руси. Почина во 2008, на 89 години.

Бил познат по својата ексцентричност и аскетски начин на живот, а големата брада и широката селска кошула му давала аура на лик од Стариот завет. Коментаторка на Гардијан, Маријана Хант, по повод 100-годишнината од неговото раѓање, одлучува да помине еден ден во животот на Солженицин. И ова не излегло толку лесно колку што изгледа. Еве ги нејзините искуства:

1 наутро

Будење. Кога го пишувал својот монументален напад врз советскиот режим, „Архипелагот Гулаг“, писателот станувал ова време, работел до 9 наутро, потоа со мрчење правел пауза, и повторно пишувал до 6 попладне.

Ја гледам месечината низ моите завеси, и одлучувам дека борбата против авторитарноста може да почека неколку часа. Се вртам на другата страна и продолжувам да спијам.

6 наутро

Пак е мачно, ама некако се издржува.

6:10

Појадок. Секоја година, на 9 февруари, Солженицин го одбележувал денот кога бил прв пат уапсен во 1945. „Прославата“ се состоела што на тој ден си дозволувал само онолку храна колку што му била давана во затворот: пола кило леб, чинија супа и малку овес.

Јадам застоени парчиња тост и малку корн флејкс наместо традиционалниот гурманлук од кујната во гулагот.

6:30

Се враќам во кујната. Очигледно стомаците на 21 век не се толку силни како оние на рускиот Кавказ од пред 100 години. После две варени јајца можам да почнам да работам

7:00

Го отварам лаптопот и почнувам да го истражувам животот на Солженицин. Работел повеќе од 14 часа дневно дури и кога имал 80 години и покрај акутните проблеми со рбетот заради кои не можел да оди.

10:00

Време за не толку лесна лектира, 581 страници долгата „Првиот круг“. Кога имал 10 години, Солженицин ја прочитал цела „Војна и мир“ и одлучил дека ќе напише еквивалентна сага за руската револуција. На крајот на животот работел на епски роман од 20 тома, околу четири пати подолг од оној на Толстој, насловен „Црвеното тркало“.

10: 03

Некако деконцентрирана, си го проверувам Фејсбукот. Има слики од одмор на Мајорка на пријателка и нејзиниот нов дечко. Чувствувам малку вина. Дали Солженицин би го одобрил мојот интерес за волку банални работи? Мислам не.

Кога писателот почнал врска со неговата идна сопруга на универзитет, тоа било под услов нивните средби да траат само еден час и да се одвиваат откако библиотеките ќе затворат, во 10 навечер. Дури и во текот на средбите тој барал од неа да го испрашува за историски датуми.

Подоцна во животот, Солженицин почнал страсна врска со брилијантната математичарка Олга Ладиженскаја, но романсата завршила кога тој одлучил дека сексот му го одзема вниманието од пишувањето.

11:00

Откако заминал во егзил во САД, во 1974, почнал да живее живот на испосник, во колиба длабоко во планините на Вермонт. Се опкружил со руски затворски архиви, и со бодликава жица. Ги замолил сопствениците на дуќани во најблиското село да постават предупредувања до новинарите: „Не даваме насоки до куќата на Солженицини“.

Одам до продавница. Откако му се насмевнувам на поштарот ја сфаќам грешката и ставам темни наочари. Солженицин не би им се смеел на туѓинци.

14 часот

Назад на работната маса, се присетувам на детали од животот на авторот.

Солженицин развил уникатен метод на пишување во текот на неговите затворски години: запишувал делови од идните романи на парчиња хартија, ги меморирал зборовите а потоа ги палел. Запишувам нешто на стикер, се обидувам да го запамтам и го палам. Нормално, веднаш штом се гаси и последната искра, веќе го имам заборавено напишаното.

18 часот

Мојот работен ден заврши, доволно за да го изедам остатокот од храната (уште стар леб и супа) и да си легнам во 7, како што правело семејството Солженицин.

19 часот

Ставам пар игли за плетење покрај перницата. Долги години Солженицин спиел со остар предмет крај креветот. Една година откако му била доделена Нобеловата за книжевност, Ка-ге-бе се обидело да го убие со отровна игла која требало да заврши во неговиот грб. Иако не верувам дека има многу руски агенти во моето провинциско гратче.

Извор: Гардијан

12 декември 2018 - 15:41