Пренесено интервју

Џон Клиз: „Немам никаква надеж за иднината на човештвото“

„Живееме во доба на шупци. Тие раководат со сè’“, вели Клиз во ново интервју за Валчр, од кое пренесуваме делови.

Дали хуморот сè уште може да ве изненади?

Не многу. Исус наводно никогаш не се смеел во Библијата, и мислам дека тоа е затоа што смеата содржи елемент на изненадување, нешто за човечката состојба кое сè уште не сте го забележале - а Исус ретко се изненадувал. Сè уште се смеам, но многу нешта кои пред 30 години би ме насмеале - парадокси на човечката природа - веќе не би можеле да го сторат тоа, затоа што мислам дека се вистина. Не се откритија.

Овој месец ќе предавате на Корнел. Дали ги следите контроверзите во врска со слободата на говор на факултетите? Често имате изјавувано дека ве фрустрира идејата за широко распространетата политичка коректност.

Не сум зборувал на Корнел веќе осум години, па не можам да кажам дека знам од прва рака колку студентите се подготвени нивното мислење да биде доведено во прашање. Планирав да појдам таму порано, но бев затекнат од развод и немав време затоа што се занимавав со заработување пари за да го платам. Па љубопитен сум како стојат работите сега. Всушност, колеги комичари ме предупредија во врска со зборувањето на факултети - велат дека не вреди маката. Џон Стујарт ми рече такво нешто пред две години. Но работата со политичката коректност е што таа почнува како добра идеја, за потоа да премине во апсурд. А една од причините за ова е што голем број политички коректни луѓе немаат никаква смисла за хумор.

Затоа што се мрчатори?

Затоа што немаат чувство за пропорција, а смислата за хумор е всушност чувство за пропорција. Тоа значи да знаеш што е важно. Во моето шоу кажувам вицеви кои прават публиката да паѓа од смеа, вицеви за Австралијанци, или Французи, или Канаѓани или Германци или Италијанци. Ги кажувам и сите се смеат - а никого од овие групи не мразиме, нели? На пример: „Човек влегува во бар и му вели на барменот ’Сте го чуле најновиот виц за Ирци?’. Барменот вели, ’Само да ве предупредам, јас сум Ирец’. Па човекот вика, ’Добро, тогаш ќе го кажувам бавно’“. Тоа е смешно! Но ако го кажеш вицот и го замениш „Ирец“ со „бармен кој не е многу интелигентен“, тоа не е воопшто смешно. Зошто би ја жртвувале смеата за каузата на политичката коректност, ако таа смеа не е базирана на злоба? Ова всушност ме потсетува на една идеја која ја имав: секоја година во Обединетите нации да се гласа една нација да биде предмет на подбишега.

Пример, „оваа година сите културолошки вицови ќе бидат направени на сметка на Данците“.

Е, така. Ќе мора да прифатат дека тоа им е судбината таа година. Луѓето не го сфаќаат тоа, но освен ако не се работи за игри на зборови, сиот хумор е во суштина критички настроен. Да се елиминираат вицовите кои се на сметка на други луѓе значи да се елиминираат повеќето вицови. Ако се смееш некому тоа е затоа што неговото однесување е несоодветно. Затоа не можеш навистина да бидеш смешен во врска со Исус или свети Фрањо Асишки, затоа што сè што прават тие е во ред.

Па нели Монти Пајтон направи цел филм сатира на Исус?

Не на Исус, на неговите следбеници. Тоа е клучната разлика.

Живеевте во Америка со децении. Дали изборот на Трамп ви го смени начинот на мислење во врска со Американците?

Ахам. Она што ме изненади е дека најмалку успешните луѓе го поддржаа. Разбирливо е богатите да сакаат намалување на даноци, но зошто некој помалку богат би мислел дека Трамп ќе стори што и да е за да му помогне? Еве споредба: се сеќавам дека кога имав 18 години гледав професионално борење - одлична забава, очигледно местена. Она што ме зачуди додека ја гледав публиката во Колстон арената во Бристол е што повеќето мислеа дека тоа е реално. Тоа ми е неверојатно во врска со голем дел од Американците: тие не можат да видат дека Трамп е лажен. А ако не можат да го видат она што им е пред очи, како ќе ги убедиш во нешто негативно во врска со него? Тоа е како да држиш црвено знаме пред некого а тој ти вели дека е сино. Не можеш логички да се разбереш со него, и да го убедиш во црвеното. Неспособноста на луѓето интуитивно да препознаат што се случува со Трамп - бев импресиониран од ова, не згрозен.

Ова потсетува на едно ваше јутјуб видео (* го имавме тука) за тоа дека глупите се премногу глупи за да знаат дека се глупи.

Да. Тоа е Данинг-Кругеровиот ефект. На страна интелектуалноста, проблемот е што повеќето луѓе не се ни емоционално интелигентни. Не можат да се соочат со реалноста. Ако не им оди добро тие обвинуваат некој друг. Затоа немам надеж дека ќе имаме асално, добро организирано, фер, интелигентно, љубезно општество. Треба да се отарасиме од таа идеја. Единствено е можно привремено подобрување на работите во мала област. На пример во шведскиот тенис.

Апсолутно ништо не ви дава надеж за иднината на човештвото?

Ништо.

Ништо?

Ништо.

Па зошто да се стане наутро?

Тоа што не можете да создадете разумен свет не значи дека не може да се ужива светот во којшто живеете. Мислам дека Бертранд Расел рекол дека тајната на среќата е да се соочиш со фактот дека светот е ужасен. Откако ќе сфатиш дека работата е прилично безнадежна, тогаш треба да се смееш и да не губиш време на работи кои не можеш да ги смениш - а не мислам дека можеш да го промениш општеството. Имам поминато многу време на групна терапија гледајќи високо интелигентни, добронамерни луѓе кои се потрудиле и не успеале.

Како некој што го поминал животот со хумор, има ли еден виц кој би го издвоиле како најсмешен што некогаш сте го кажале?

Интересно. Веројатно би било нешто што не било предвидено. Јас и Ерик Ајдл настапувавме на Флорида, и дозволивме прашања од публика. Една жена стана и многу сериозно ме праша: „Дали кралицата ја убила принцезата Дијана?“.

Што ѝ одговоривте?

Сигурно не со свои раце.

Целото интервју тука

13 септември 2017 - 16:12