На 200 годишнината од нејзината смрт

Џејн Остин не е за шмизли

„Никогаш не прифаќај помалку отколку што заслужуваш, заложи се за луѓето што ги сакаш, следи си го срцето“ - ова не се совети од некоја современа феминистка, туку од жена која пред повеќе од два века знаела нешто за човечката психологија, која не се менува толку лесно.

Името на Остин на многумина кои не ја читале, и не знаат ништо за нејзинот живот, им асоцира на лесни љубовни романи, „женска“ забава и филмови во кои актери облечени во историски костими лелекаат по невозвратена љубов. Но нејзините дела воопшто не се површни, а животната приказна ѝ е далеку од едноставна. Еве неколку интересни факти кои фрлаат светлина на контекстот во кои се напишани нејзините дела.

Никогаш не се мажела, но била верена - една вечер

На 2 декември 1802, две недели пред нејзиниот 27-ми роденден, таа прифатила понуда за брак од страна на брат на нивни семејни пријатели кај кои таа и сестра ѝ биле на гости. Пет и пол години помлад од Џејн, Харис Биг-Витер бил и понеобразован и генерално посмотан, но таа прифатила веројатно од обзири кон домаќините и заради финансиска сигурност. Но преку ноќ се премислила и следното утро напрасно заминала од имотот, за подоцна да напише дека „ништо не може да се спореди со мизеријата да бидеш врзан без љубов“. До крајот на животот отанала сама, за да се фокусира на пишувањето.

Почнала да пишува уште на 12 години

Поголемиот дел од она што денес се нарекува „Џувенилија“ - материјалот кој го напишала во раната младост - е со комичен тон. Правела пародии на историски учебници, а на 16 години тоа го направила со „Историјата на Англија“ напишана од историчар кој според неа бил полн со предрасуди и без вистинско знаење. Ги пародизирала и романтичните романи кои биле популарни во нејзиното време. До нејзините рани дваесети веќе имала први скици за делата кои подоцна ќе станат антологиски (Sense and Sensibility, Pride and Prejudice и Northanger Abbey).

Од нејзините преписки со сестра си Касандра и другите членови на семејството се гледа дека таа била горда на сопственото пишување. Не се снебивала да дискутира за напишаното со пријателите и семејството, земајќи ги сериозно нивните коментари. Не престанала да твори сè до смртта, од сè уште неразјаснета причина, на 41 година.

(* банкнотата од десет фунти со ликот на Остин промовирана денес, по повод 200-годишнината)

Не била (само) прибрано селско девојче

И покрај тоа што на површината нејзиниот живот изгледа тивок и изолиран (се родила во село во Англија и живеела таму 25 години) тој сепак не се одвивал според најдобрата викторијанска традиција. Често патувала кај брат ѝ Хенри во Лондон каде посетувала изложби и одела на театар. Се мешала со припадници на високата класа преку другиот брат, Едвард, кој бил посвоен од богати роднини и го наследил нивниот имот во Кент и Хемпшир. Сите овие искуства се вградени во нејзините дела.

Иако терминот „феминизам“ сè уште не бил измислен, од нејзините женски ликови и пораки можат да се инспирираат и жените од 21 век. На пример: не ги суди другите жени заради нивните одлуки, никогаш не прифаќај помалку отколку што заслужуваш, има посебно место во пеколот за жени кои ќе ја предадат довербата на други жени, заложи се за луѓето што ги сакаш, следи си го срцето.

И мажите ја читаат Џејн Остин

И покрај стереотипот на „женскоста“ на нејзините дела, Остин секогаш имала и машки обожаватели. Нејзините уверливи ликови, реалистични заплети, морални теми и луцидност им се допаѓале и на мажите и на жените.

Така, британскиот премиер Харолд Макмилан признавал дека со задоволство ги чита романите на Остин, а Черчил ѝ оддал признание за тоа што му помогнала да ја добие Втората светска војна. Радјард Киплинг на глас ги читал романите на Остин на неговата жена и ќерка, секоја вечер, за да ги расположи откако неговиот син, кој се борел во Првата светска војна, бил прогласен за исчезнат. По војната Киплинг напишал краток расказ „Џејнистите“, за група војници кои се поврзуваат преку заедничката љубов кон нејзините дела.

И нејзиниот современик, сер Валтер Скот, забележал во својот дневник: „И по третото читање, Гордост и предрасуда е многу добро напишан роман. Таа млада дама има талент за опишување на чувствата и однесувањето на ликови од обичниот живот, што за мене е нешто најпрекрасно нешто што сум го сретнал“.

18 јули 2017 - 11:03