Двојниот живот на камионџиите

Краток документарец за судбините на професионалните американски камионџии, некои од нив и четириесет години зад воланот, постојано крстарејќи од брег до брег. Водат еден живот дома, друг на патот. Но со себе ги носат своите приказни.

За оние повозрасните, стереотипот за возач на камион барем на нашиве простори (можеби повлијаен од серијата „Камионџии“ со Павле Вујсиќ и Чкаља) е некој што има постер од гола женска во кабината, слуша народно пуштено до даска и генерално лефтерно си ги вози километрите.

Но, реалноста на животот на овие луѓе е далеку од лефтерна, и - претпоставуваме - е таква повеќе или помалку без оглед на географската ширина и должина на која возат. Во случајов приказната е за САД и за еден камион со приколка лоциран на паркинг за камионџии на кој со големи букви е испишано „Мобилна капела“. Свештеникот кој работи во неа се вика Чед Ромера, и тој си го посветил животот на слушање на приказните и нудење утеха на камионџиите кои сакаат да влезат во неговата „црква“.

10-минутниот документарец нуди поглед во животот на неколкумина возачи, секој со потресна семејна, здравствена или лична приказна. Еден шест пати се обидувал да се самоубие, и секогаш бил спасуван, друг има син во болница кој се опоравува од моторџиска несреќа, трет самиот има дијабет и се плаши дека наскоро ќе го загуби видот и со тоа и работата. Сите тие во капелата добиваат шанса за момент да се почувствуваат дека некој го слуша. И иако постојано се осамени, помеѓу возачите постои и чувство на солидарност, како помеѓу вид кој изумира.

Од серијата „Животот низ очите на разни професии“

Бравар, вработен во фото-студио, „поштарот“

Човекот кој расчистува кога некој ќе умре

Улични продавачи на чај

Маките на новинарството

Човекот кој ги пере валканите алишта на славните музичари

13 август 2019 - 10:46