Билмез IQ

Диоген во буре редбул

Во зграда во Сараево осамнал исчкртан некролог, на кој на сликата на покојникот некој вежбал цртање. Националната припадност, и на живиот и на мртвиот, и не се толку важни. 

Поважна е пораката, која иако е од Куранот, е универзална - „за овој миг подготвувајте се". За мигот кога преку вакви и слични, навидум банални гестови, ќе сфатите каде, и не со, туку покрај какви живеете.

Некрологот е залепен доста високо на влезната врата на сараевскиот облакодер, и не е реално некое прваче да цртало преку сликата на покојникот. За оваа интервенција во манирот на мистер Бин е одговорен некој постар.

Можеме лесно да го замислиме: стои пред вратата со качулка на главата, полн епски занес и јуначка сила но без коњ и боздоган, во тренерка за во град и во дрес на тимот за кој би умрел кршејќи излози.

Прекален во поразите во обложувалница, станал нечувствителен за туѓата болка. Насилството го држи буден, инаку би се исушил од досада. Ако не им одзема мобилни на децата пред школо, тогаш шиканира патници во јавниот превоз. Сонува за нова војна како штребер за матурски испит. Во ист занес и моли и пцуе педери. Омразата му е животна љубов. Рекордер во плукање од место. Орел во кокошарник. Франкештајн на транзицијата. Диоген во буре редбул. Херој на стендбај. Доброволен проливач на крв.

Незнаењето го смета за доблест. Полесно крева 100 кила во теретана отколку една книга во библиотека.

Учел од најдобрите. Земјата е рамна плоча. Мајмуните настанале од Дарвин. Бог го простува и она што Хаг не го пропушта. Слободата има дострел на куршум. Нема подобра историја од злопамтењето. Око за око, заб за врат. Подобро нож во раката отколку гулаб на мирот на гранката. Чесно, па кој кого ќе измами. Кој краде, има. Еднаш милувај, три пати силувај. Свој на своето.

Билмез на бронзена цицка. Железно тајкунско маде. Иден бодигард на претседателот, иден јуришник, иден обилиќ, иден штурмбанфирер. Перјаница на општото заглупување. 

Сè се напрегнало во таа задача на похување памет. Поголема е веројатноста да се добие на бинго отколку меѓу теленовелите и контакт-програмите да се налета на образовна програма. Фасадите на облакодерите се ѕенѕаат во ритамот на порно-фолкот. Комесарките со новинарски дипломи ја форматираат нацијата во габарити на малиот екран. Испотените тетоважи се памтат подолго од Пикасовите слики. Поезијата преживува само во скандирање. Билбордираните полувистини ги преплавуваат населбите како нафтени дамки јато делфини. Мислите не преминуваат должина на твит. Камерите во училишните дворишта сведочат за поразите на просветата. Од изборните плакати се смеат посмртни маски на несудени актери. Телетабисите им ги јадат мозочината на мамините љубимци. Прваците на театарските сцени се одзиваат на имиња од ликови од сапуници.

Кретените не разликуваат некролози од гласачки ливчиња.

На живите на некролозите им останува само злобна надеж дека земјата каде границите се размножуваат со проста делба на глупоста на крајот ќе се изеде самата себе.

автор: Ненад Величковиќ

 

13 ноември 2012 - 09:35