Десет совети за пишување на Маргарет Атвуд

Една од нус-појавите кога ќе станеш славен писател е твојата наводна компетенција да делиш умни совети за тоа како треба да се пишува. „Дозволи им на мислите да си играат", „сонувај со отворени очи"...За среќа, има и такви кои се многу реални и практични. Под ова на Атвуд за болките во грб се потпишуваме со два пршлена.

1. Земете молив за да пишувате по авиони. Пенкалата знаат да се растечат. Но ако моливот ви се скрши, не можете да го наострите во авионот, затоа што не ви е дозволено да носите ножеви. Затоа: понесете два молива.

2. Ако двата молива ви се скршат, можете грубо да ги наострите со турпија за нокти.

3. Земете нешто за да пишувате на него. Хартијата е добра. Ако ептен сте во криза, делови од дрво или вашата рака исто така можат да завршат работа.

4. Ако користите компјутер, секогаш зачувајте го новиот текст на стикче.

5. Правете вежби за грб. Болката одзема внимание.

6. Држете му го вниманието на читателот (Ова функционира подобро ако можете да го направите тоа со сопственото). Но ако не знаете кој е читателот, тоа е како да мавате по риби со ластегарка во темно. Она што го фасцинира А може да му биде досадно до бесвест на Б.

7. Веројатно ќе ви треба некаков речник, еден правопис и чувство за реалност. Последново значи: нема бесплатен ручек. Пишувањето е работа. Исто така е и коцка. Не добивате пензија. Другите луѓе можат малку да помогнат, но во суштина сте препуштени на самите себе. Никој не ве тера да го правите ова, вие сте го одбрале, па не кукајте.

8. Никогаш не можете да ја прочитате вашата книга со невино очекување на она што доаѓа на таа прва слатка страница од нова книга, бидејќи вие сте ја напишале. Сте виделе како зајците биле ставени во шапката. Затоа замолете еден или двајца пријатели да го погледнат напишаното пред да му го дадете на некој издавач. Тоа не би требало да биде некој со кого имате романтична врска, освен ако сакате да раскинете.

9. Не седете среде шума. Ако сте загубени во заплетот или блокирани, вратете се наназад до местото каде тргнало на лошо. Потоа свртете по друг пат. И/или сменете ја личноста. Сменете го граматичкото време. Сменете ја првата страница.

10. Молитвата може да помогне. Или читањето - нешто друго. Или постојаната визуелизација на светиот грал, а тоа е завршената, објавена верзија на вашата брилијантна книга.

21 февруари 2014 - 11:37