Најдобри книги за наука во 2018

„Најдобри“ можеби и не е најобјективна квалификација, но да речеме дека ова се научно-популарните книги кои изминатата година привлекоа најголемо внимание затоа што пишуваа за импликациите на нови откритија и експерименти, но и за до сега ретко истражувани аспекти од историјата на науката.

„Загубени во математиката: како убавината ја води физиката на погрешен пат“

од Сабина Хозенфелдер

Математиката и нејзината директна примена во теориската физика е често пати „убава“, во смисла на елегантност и длабочина, кои ја замаглуваат разликата помеѓу математика и филозофија. Но авторката на оваа книга тврди дека потрагата по математичка естетика и симетрија станува догматска, и дека ова води кон самозалажување на физичарите и создавање илузија кај оние кои им веруваат, дека ако некое толкување не е „убаво“ тогаш тоа не е ни точно (и обратно).

Космосот, вели Хозенфелдер, не е хармонична, балансирана структура, туку енигматски хаос, а за да го разбереме мораме да му пристапиме со непристрасно научно набљудување и мерење. Така ќе откриеме што тој Е, а не што тој треба да биде.

„Собирачот на диносауруси: опсесија, предавство и потрага по најголемиот трофеј на земјата“

од Пејџ Вилијамс

Делумно лекција по палеонтологија а делумно меѓународна крими-мистерија, оваа книга е приказна за опсесивен колекционер на фосили, кој се нашол на погрешната страна на законот. Поседувањето скелети од диносауруси е сложена работа, а голем број земји сметаат дека сите фосили внатре нивните граници се научна сопственост на државата.

Во САД, пак, е поинаку - секој фосил најден на нечие земјиште му припаѓа на сопственикот на земјиштето. Постои и практика на изнајмување ниви и ливади за копачи по фосили, како и богат пазар за приватни колекционери и музеи. Пејџ Вилијамс, која пишува за Њујоркер, ја раскажува приказната за Ерик Прокопи, жител на Флорида, кој станува експерт во лоцирање, ископување и продавање на фосили од диносауруси. Но кога еден негов примерок, речиси комплетен Тираносаурус батаар, се продава на аукција во Њујорк за повеќе од милион долари, почнуваат да се поставуваат прашања од каде дошол до него. Палеонтолози на другата страна на светот, дури во Монголија, притоа имаат некои можни одговори.

„Таа ја има насмевката на мајка си: моќта перверзиите и потенцијалот на наследувањето“

од Карл Цимер

Во својата нова книга овој новинар кој пишува на научни теми ги истражува факторите, од генетика до микроби во околината, кои ги наследуваме од нашите предци, а кои нè прават она што сме. Излегува дека нашите геноми не се само работа на наследен материјал од мама и тато, туку ДНК е резултат на голем број извори и влијанија, од оние кои живеле пред нас, но и факторите на околината. Повикувајќи се на најактуелни истражувања, Цимер истражува што знаеме за наследувањето и што уште треба да научиме.

„Прва од мушичките: истражување на овошната мушичка и биолошкиот диверзитет“

од Стефани Елизабет Мор

Главниот кандидат за физиолошки студии генерално е лабораторискиот глушец, но едно понепознато суштество има значајно придонесено за нашето разбирање на биологијата: обичната овошна мушичка. Истражувачите ја вреднуваат заради краткиот животен циклус и способноста да се репродуцира во голем број единки. Така, Drosophila melanogaster е совршен организам за проучување на генетиката, молекуларната биологија, имунологијата и однесувањето.

Како и луѓето мушичките можат да учат и да памтат информации, деградираат како што стареат и имаат имунолошки системи со кои даваат отпор на болести и инфекции. Мор во оваа книга и оддава признание на мушичката за нејзиниот придонес во истражувањето на ракот и шеќерната болест, како и анализата на човечкиот геном.

„Како изгледа иднината: научници ги предвидуваат следните големи откритија“

од Џим Ал-Калили

Теоретскиот физичар Ал-Калили уредува збирка есеи во кои водечки научници кои се занимаваат со сè, од вештачка интелигенција до телепортација, одговараат на некои од најинтересните прашања поврзани со иднината. Дали луѓето ќе населат други планети? Дали можеме да се ослободиме од болести и да си ја задоволиме гладта за енергија во услови на рапидно менување на климата? Секако, никој не може да знае како ќе се развиваат работите со сигурност. Но оваа книга прави повеќе упатени претпоставки.

„5 литри: патување низ парите, медицината и мистериите на крвта“

од Роуз Џорџ

Крвта значи живот, па сепак погледот врз неа знае да онесвести. Таа истовремено може да биде и отпад и најскапоцена течност, поскапа од нафта. Може да спаси животи, но и да пренесе смртоносни инфекции. Ментруалната крв во голем број култури е се уште табу.

Роуз Џорџ во оваа книга ни ја претставува историјата на крвта - од древни практики на пуштање крв, до обидите да се дијагностицира рак и други болести со едноставен крвен тест. Ни ја претставува Џенет Вон, која го воспоставила првиот масовен систем за донација на крв во текот на Втората светска војна, како и Аруначалам Муруганатам, познат како „човекот-влошка“ (за кого пишувавме тука), кој работи на производство на евтини и достапни влошки во земјите во развој. Преку мешавина на наука, политика и анегдоти, таа ја претставува крвта во сосема ново светло.

10 декември 2018 - 09:43