Жижек на Јеил

Демократијата и капитализмот пред развод

Светски познатиот словенечки филозоф Славој Жижек неделава гостуваше на Универзитетот Јеил во рамки на на тродневната манифестација Bulldog Days, која се организира во чест на новопримените студенти. 

Во преполнетата сала, тој со студентите од дебатното друштво Yale Political Union дискутираше за денешната состојба на капитализмот, барајќи одговор на прашањето дали капиталистичкиот систем е „опиум за масите". Несудениот претседател на Словенија (се кандидираше на првите слободни избори 1990.) повика на преиспитување на капитализмот, и подвлече дека тој веќе не е синонимен со демократијата, особено откако недемократските нации како Кина и Сингапур почнаа да развиваат капиталистичка економија. Иако не понуди сопствена визија на новата варијанта на капитализмот, Жижек повика на размислување за радикална промена на неговата постоечка состојба.

„Се плашам дека вечниот брак помеѓу демократијата и капитализмот се ближи кон својот крај", рече Жижек.„Мораме одново да го осмислиме капитализмот".

Западните земји веќе повеќе пати досега се имаат соочено со препреки за кои не можат да најдат ефикасни решенија, заради неспособноста за критичка проценка на капитализмот, и разгледување на можноста за радикална промена. Жижек се повика на колумнистот на Њујорк Тајмс, Пол Кругман, кој ја има изнесено следнава претпоставка: дури и луѓето на самиот почеток на 21. век да знаеле дека во 2008. ќе дојде до рецесија, тие не би се однесувале поинаку, заради сопствената неспособност на редефинирање на капиталистичкиот ментален склоп. Втор пример за истото Жижек го гледа во плановите на ЕУ одново да ја стабилизира пропаднатата грчка економија, за кои рече: „Сите знаат дека тие планови се тотално срање. Нема да успеат, и секој го знае тоа, но сеедно се преправаме дека веруваме во нив."

Капиталистичкиот светоглед е веќе толку длабоко вкоренет во сите нас, што повеќето луѓе го прифаќаат без прашање, и дејствуваат во склад со него. „Можеме да го замислиме крајот на планетата, или крајот на светот. Но да се замисли и најмала промена во капитализмот, во пазарот, тоа за нас е невозможно", додаде Жижек.

Тој го спомна и законот кој кинеската влада го донесе во април минатата година, со кој се забрануваат уметнички дела на тема патување низ време и паралелни вселени. Тоа тој го објасни како обид за обесхрабрување на граѓаните кои би се осудиле да замислат понаков живот, но и како доказ дека Кинезите „барем се уште се способни да сонуваат, штом тоа им го забрануваат".

Една од причините за неуспехот на преиспитувањето на капитализмот според Жижек е и влијанието на моќните поединци на власт. На пример, претседателот Обама и неговиот претходник Буш го наговориле Конгресот во 2009. да прифати 787 милијарди долари вреден пакет економски стимулации наречен Закон за американско опоравување и реинвестирање, на кој Конгресот најпрвин силно се противел. Жижек потсети на опасноста од создавање услови во кои моќните поединци имаат несразмерно повеќе влијание и моќ, со што се нарушува демократскиот процес.

„Лесно е да се обвинуваат луѓето. Не е проблемот во луѓето како Берни Мадоф - такви луѓе има секогаш", рече Жижек. „Проблемот е во општествениот контекст кој му го дозволил да го стори она што го сторил." 

21 април 2012 - 13:55