Дејвид Линч ве учи да чукате на тастатура

Развиена од Рајно сту продакшнс, „Дејвид Линч подучува куцање“ е игра која ви ветува дека откако еднаш ќе ја поминете во целост ќе станете волшебник на тастатурата. Ќути што знаевме да куцаме од претходно...

Едно далечно време, кое ни е дури и незгодно да го наречеме наше, учевме да куцаме по учебник за средно дактилографско, со вежби кои подразбираа досадно повторување на едни те исти комбинации букви додека не се врежат длабоко во механичкото памтење. Тоа, куцањето на слепо со десет прсти, го сметаме за една од покорисните вештини што човек може да ги развие ако секојдневно пишува онлајн, речиси како свирење пијано. Сега тоа има шанса да го научите не од учебник, туку од Дејвид Линч химселф.

Новата игра преку која се прави ова почнува многу просто, скоро досадно. Според стандардните вежби за дактилографија, Линч бара од вас да го ставите левиот показалец на Ф. Потоа десниот показалец на Ј. Откако ќе го сторите тоа, ви честита со „Уау! Одлично го правите тоа“, додуша со глас кој повеќе звучи како да ви се дере отколку да ве фали. Вежбите продолжуваат, но од време на време мастерот ви овозможува пауза за кафе и цигара, ви дозволува да се задржите колку што сакате, и да се вратите кога ќе бидете подготвени за следното.

И тука работите стануваат интересни, иако ги препорачуваме само на оние кои имаат вишок време. Би било спојлер да се каже точно што, ама па веројатно не ни очекувавте некој како Линч да застане на фјфјфјфјф.

Како да почнете да играте? Одете тука  и симнете верзија за вашиот оперативен систем. Потоа правете како што ќе ви каже Дејвид. Веројатно ќе научите и да куцате.

28 февруари 2018 - 13:00