Дејвид Ли Рот (Ван Хален) почнал да слика, и е одличен

Откако пандемијата го врзала дома, музичарот почнал да се занимава со нешто што го нарекува „изведбена терапија“.

Обично е хиперактивен на сцена, но 65-годишниот пејач на Ван Хален во моментов е заглавен дома, и опседнат со пандемијата. За да си го канализира стравот и да ја победи досадата, тој од април ги исполнува своите денови создавајќи цртежи кои ги нарекува стрипови, главно на тема Ковид, кои потоа ги споделува на социјалните мрежи. Цртежите се како и неговата музика и темперамент - откачени, неконвенционални и шарени.

Во интервју за Њујорк Тајмс тој вели дека причина што почнал да се занимава со сликање е што ја загубил својата основна работа. Во март оваа година, Рот бил на турнеја, соло, како придружба на бендот Кис на нивната американска турнеја. Нешто пред тоа, почнала неговата битка со болест која се уште не е дијагностицирана, а за која тој смета дека е можно да било корона. Неговите „стрипови“ содржат и социјални коментари, поврзани со расизмот, како и хумор за кој тој вели дека ако е добар, не треба да биде смешен, туку вистинит.

„Уметноста е константа во мојот живот“, вели тој во интервјуто. „Секогаш сум се замешувал во гардеробата, сценографијата, насловните на албумите, режирањето видеа. И ова сега е дел од истото.“

На голем дел од неговите слики главни ликови се жаби. Инспирацијата за ова ја нашол во приказна за Марк Твен. Тој умира, но не оди во рајот, туку останува во дворот каде што пораснал, во Ханибал, Монтана. Тука му доаѓаат сите ликови од неговите раскази, да го поздрават. Меѓу нив и жабата од расказот „Славниот скокачки жабец од округот Калаверас“ (за којшто пишувавме тука). Така, таа се нашла на неговите цртежи, чија техника ја опишува како нешто помеѓу „винтиџ“ (старовремско) и хипер-атомско дигитално.

Открива и дека повеќе од две години живеел во Јапонија и проучувал калиграфија - како да работи со четка од коњско влакно и мастило кое го правел самиот според рецепт стар 700 години. Се во стриповите е рачно цртано и напишано, а потоа компјутерски обработено. Иако во моментов не размислува за нивна продажба, туку очекува да се врати на сцена, ако пандемијата продолжи можно е сликањето да му стане и долгорочна занимација.

15 јули 2020 - 08:38