лесно пребарување и зајмење книги

Дали знаете што е COBISS?

Во Букбокс се обидуваме да промовираме различни начини на кои може да се дојде до книга, разменувајќи ја, или позајмувајќи ја. И ич не ни текнало да претставиме една алатка што ни е ептен на дофат на рака.

COBISS е „кооперативен онлајн библиографски систем и сервиси" или во превод база која ги содржи библиотечните фондови на повеќе од 700 библиотеки во регионот. Повеќето издавачи, преведувачи или корисници на библиотечни услуги ја знаат, но можеби не ви дошла под рака, или мислите дека е комплицирана. А не е.

Ако го отворите сајтот каде се наведени основните информации за неа, првата реченица може да ве одбие: „Библиотеките се како капилари кои во секоја ќелија на општеството донесуваат знаење..". Заборавете го тоа и да видиме што е битното.

Одите да речеме тука и добивате преглед на повеќе библиотеки, најмногу од Словенија, но и од уште 8 земји во регионот, меѓу кои и Македонија. Зошто е тоа важно? Затоа што ако најдете некоја книга која ви треба во која и да е од овие бази ќе знаете која е нејзината ознака, и ќе можете да ја позајмите со таканаречена меѓубиблиотечна позајмица преку нашата Универзитетска библиотека (инфо и ценовник тука). 

Што е со пребарувањето низ македонските библиотеки? Базата содржи фонд од 360,000 книги, илјадници статии и списанија од 40 библиотеки во земјава. Тука внесувате автор или наслов и гледате каде ја има, во колку примероци и дали се издава и вон библиотеката. Според моето искуство податоците се горе-доле точни. Еден од исклучоците е ако некој издавач пред реалното излегување на книгата побарал каталошки број, книгата е внесена во базата, но заради некакви причини таа никогаш не е објавена, или пак издавачот, иако е тоа негова законска обврска, не донел задолжителни примероци во библиотеката. Сепак ова се случува многу ретко.

Еве, пробајте со книгата во денешната Букбокс читанка и ќе видите дека ја има во една од нашите библиотеки. Зачленувањето е евтино и лесно. А ова не е комерцијален оглас:)

9 август 2013 - 10:30