За оние меѓу 30 и 40 и нешто години

Дали сте „иксенијалци“?

Бејби-бум генерација, генерација Икс и милениумци. Сега на оваа хронолошко-социолошка низа им се придружуваат - иксенијалците.

Xennials (иксенијалци) се група родени помеѓу доцните 1970-ти и раните 1980-ти, премин помеѓу генерацијата Икс и милениумците, кои настапиле на пазарот на труд нешто по рецесијата на раните 1990-ти, но пред глобалната финансиска криза. Се карактеризираат, меѓу другото, по тоа што имале аналогно детство, но дигитална рана младост. Првите љубовни врски и мувања ги оствариле пред социјалните медиуми. Им се јавувале на пријателите на фиксен, а биле во доцните тинејџерски години кога некој од нивните побогати врсници добил мобилен, и единствениот човек на кого можел да му се јави била мајка му. Па сепак, кога веќе се случила дигиталната револуција, тие лесно ѝ се прилагодиле.

Нивното општествено влијание, според социологот Ден Вудман, не смее да се потцени. Тие редефинираат што се очекува од работното место, од емоционалните врски, семејството и воопшто од животот. Додека милениумците се оптоварени со студентски долгови и се мачат да основаат дом, повеќето од иксенијалците истрајуваат на патот што си го зацртале во своите дваесети. Се опишуваат како „златен пресек“ помеѓу цинизмот карактеристичен за стереотипните претставници на генрацијата Икс и оптимизмот на прекумерно самоуверените милениумци. Во свет во кој генерациските описи најчесто се во негативен клуч, иксенијалците делуваат баш симпатично.

Секако, генерализациите од типот „милениумците се нарцисоидни“ се токму тоа - воопштувања кои не мора да важат баш за сите претставници на ова генерација. Она што го сугерира споменатиот социолог при одредувањето на генерациските групи и подгрупи се дефинирање на три елементи: специфицирање на променетите општествени услови во однос на претходните генерации кои имаат ефекти по периодот на младоста; идентификување на поголем број начини на кои луѓето реагираат и се моделирани од овие променети околности; и демонстрирање на тоа дека генерацијата сепак не е хомогена.

Терминот „иксенијалци“ прв пат е употребен во 2014 од Сара Станкорб и Џед Оелбаум во текст објавен на сајтот good.is, каде тие се опишани како „микро-генерација која служи како мост помеѓу незадоволството на Ген Икс и незаузданиот оптимизам на милениумците“. Овој термин израдува многумина кои не сакаат да се идентификуваат со веќе здодевните стари дртала на генерацијата икс, ниту пак со егоистичните „снегулки“ - милениумците (за генерацијата „снегулки“ види претходно тука)

Коментатор на Њу Стејтсмен, и самиот „иксенијалец“, се спротивставува на често американизираните дефиниции за поделба на генерациите (пред некое американско ТВ шоу или после некој американски претседател), па нуди свои, британизирани верзии, на пример „Орвеловска генерација“ (родени истата година како и тој, орвеловската 1984). Како би изгледала македонската поделба по 1980тите? Пред Тито и по него? Пред независноста и по неа? Или пред и по Тоше?

3 ноември 2017 - 09:04