првата режисерка во историјата

Дали сте чуле за Алис Ги Блашè?

Иако била првата жена-режисер на играни филмови, за неа до скоро не знаеа ни Џоди Фостер, ни Роберт Редфорд, ни Бен Кингсли. Сега двајца ентузијасти снимаат документарец за неа, кој ќе ѝ го зацементира неправедно одземеното место во филмската историја.

Родена во 1873 во Париз, таа работела за Леон Гомон (Léon Gaumont) и неговата филмска компанија, најпрвин како секретарка, а потоа како шеф на продукција, и тоа на над седумстотини филмови. Во 1906 го направила „Животот на Исус" со за тоа време огромен буџет и повеќе од 300 статисти. 

Во 1907 Алис се омажила за Херберт Блаше кој бил назначен од Гомон за шеф на канцеларијата во САД заради што парот се преселил во Америка. Наскоро тие формирале свое студио, The Solax Company, кое било најголемото предхоливудско студио во Америка, лоцирано во Форт Ли, Њу Џерси. Вложиле повеќе од 100,000 долари во нова технологија, а Елис во студиото на највидливото место ставила знак „Биди природен".

Се смета дека од 1896-1920 таа режирала над 400 филмови, од кои 22 долгометражни. Таа била, и се уште е, единствената жена на сите времиња која поседувала и управувала со сопствено студио. Била позната и по тоа што напорно работела дури и во доцна бременост, или кога мажот и ја напуштил за млада холивудска глумица. Била една од првите која направила наративен филм, која ангажирала целосно афро-американска актерска екипа за еден од нив, користела аудио снимки според системот на „хронофон" и други специјални ефекти, како двојна експозиција, па дури и пуштање на филмот наназад. И сето тоа во време кога на жените не им било дозволено ни да гласаат.

Во 1953 таа го добила орденот Легија на честа во Франција. Но и во родната земја, а уште повеќе во Америка, речиси никој немал слушнато за неа. Нејзиното име како со гумичка било избришано од филмските енциклопедии, во кои доминирале (и се уште доминираат) машки имиња. Сега двајца ентузијасти, Памела Грин и Јарик ван Слијс, продуцираат документарец под наслов „Биди природен", кој треба да ја раскаже приказната за оваа фасцинантна жена. За само еден месец кампања на Кикстартер тие успеаа не само да ги добијат посакуваните 200,000 долари за реставрација на нејзините филмови и завршување на проектот, туку и ја надминаа сумата, добивајќи поддршка и од големи имиња во филмската уметност.

Во ова клипче видете од каде почнале, и како се одвивала приказната, која вклучувала детално истражување на историските факти и спасување на филмските ленти кои биле пред уништување. Пред смртта на 95 години Алис мислела дека постојат уште само три нејзини филмови. Сега се откриени 132. 

31 август 2013 - 09:04