Дали ние ги поседуваме нештата, или тие нас?

Во 1859, 450 патници на бродот Ројал Чартер, кои се враќале од австралиските рудници кон Ливерпул, се удавиле кога парниот брод потонал близу северниот брег на Велс. Некои од нив можеби ќе се спаселе да не биле повлечени кон дното од појасите полни злато, од кои никако не сакале да се откажат.

Луѓето имаат особено силна, и на моменти тотално нерационална опсесија со поседување предмети. Секоја година сопственици на возила се убиени или сериозно повредени во обидите да спречат нивна кражба. Во тој момент како никому да не му текнува дека една кола не е ништо во споредба со  можните последици од бркање на крадците. Како да има некој демон во нашите умови кои прави да се тресеме врз работите кои ги поседуваме, и да правиме ризични потези во обидот за трупање материјално богатство, од кое сме поседувани.

Ова го тврди Брус Худ, професор по развојна психологија кој предава на школата за експериментална психологија на Универзитетот во Бристол, во својата нова книга „Поседувани: зошто сакаме повеќе отколку што ни е потребно“ (2019). Многумина ќе се согласат со онаа од Алан Форд - „Подобро да бидеш богат, отколку да не бидеш“. Но има еден момент кога некои луѓе постигнуваат сосема конфорен стандард на живеење, а сепак продолжуваат во трката по трупање предмети. Зошто?

Уште во 1899 економистот Торстен Веблен заклучил дека сребрените лажици биле маркери на елитниот статус. Го смислил терминот „потрошувачка што боде очи“ (conspicious consumption) за да ја опише подготвеноста на луѓето да купуваат поскапи нешта кои се функционално еднакви со поевтините, само за да сигнализираат повисок статус. Една од причините според Худ лежи во еволутивната биологија.

Повеќето животни се натпреваруваат за да се репродуцираат, но ова носи ризик од повреда или смрт. Алтернативна стратегија е саморекламирањето, за потенцијалниот партнер од спротивниот пол да одбере да се спари со нас, а не со нашите ривали (китење со „паунови“ перја). Сингализирањето економска моќ, колку и да звучи банално, е истата финта, само не со перја туку со автомобили, скапи часовници, јахти. Тоа е истата онаа паунова опашка за која во 1860 Дарвин напишал: „Ми се мачи од погледот на неа“. А причината за ова била што опашката не е оптимизирана за опстанок - премногу тежи, бара многу енергија за да порасне и да се одржува, и како и големите викторијански кринолини, не помага во ефикасното движење. Па сепак, иако може да биде проблем под одредени околности, таа сигнализира добри гени и подобар имунолошки систем, па оттаму сета мака „се ипслати“.

На истиот начин веројатноста побогатите помеѓу нас да живеат подолго, да произведат повеќе потомство и да ги одбијат нападите од непријателите е поголема. Затоа и сме привлечени од богаството, и она на другите, и она кое сметаме дека ни припаѓа нам. И откако еднаш ќе го стекнеме, стравот дека ќе го загубиме нè држи засекогаш врзани во тој магичен круг. Богатството едноставно прави да се чувствуваш добро - луксузните шопинзи ги дразнат центрите за задоволство во мозокот.

Маркетинг гуруто Расел Берк во 1988 изјавил дека сопствеништвото и имањето ни го формираат идентитетот уште од рана возраст. И дека тоа е причината зошто „мое!“ е збор кој го користат дури и бебиња, а над 80% од конфликти во градинки и на игралишта се за тоа чија е нечија играчка.

Како што растеме така развиваме пософистицирани начини на разрешување вакви караници, но емоционалната врска со нашиот имот, како екстензија на нашиот идентитет останува засекогаш. Едни од ретките групи на земјава каде сопствеништвото е се уште слаб концепт според авторот е племето Хадза од Танзанија, кои се меѓу последните ловци-собирачи, и кај кои сопствеништвото е заедничко. Тие функционираат според правилото на „побарувачка-споделување“ - ако имаш нешто што ми треба, тогаш дај ми го. Ама така почнаа и Бушманите во „Боговите паднаа на теме“. Па после се појави шишето Кока-кола, кое секој сакаше да го поседува.

18 октомври 2019 - 08:52