Дали ни е потребен театар?

Интегралната порака по повод светскиот ден на театарот од рускиот режисер и професор Анатолиј Василев. За сите оние на сцената, во гримиорните и зад кулисите, кои прават за миг да го подзаборавиме, или напротив, со поинакви очи да погледнеме кон она што ни се случува во еден друг театар - реалниот живот.

Ова прашање си го поставуваат илјадници професионалци разочарани во театарот, и милиони луѓе кои се уморни од него.

A зошто ни е потребен?

Во годините кога сцената е толку ништожна во споредба со плоштадите на градовите во земјите во кои се одигруваат трагедии од вистинскиот живот.

Што ни претставува театарот?

Позлатени балкони, кадифени седишта, валкани кулиси, фино исполирани актерски гласови или обратно - црни кутии, извалкани со кал и крв, сосе куп бесни, голи тела во нив.

Што може да ни каже театарот? Сѐ! Театарот може да ни каже сѐ.

И како боговите живеат на небо, и како затворениците скапуваат во заборавени подземни пештери, и како страста може да возвиши, и како љубовта може да уништи, и како никому не му е потребен добар човек на овој свет, и како измамата царува, и како луѓето живеат по станови додека деца венеат по кампови за бегалци, и како сите потоа треба да се вратат во пустината, и како ден за ден сме присилени да се разделиме од нашите сакани - театарот може да ни раскаже сѐ.

Театар имало, и секогаш ќе има.

И сега, во последниве педесет или седумдесет години тој е особено неопходен. Затоа што ако погледнете кон сите јавни уметности, можете веднаш да видите дека само театарот ни дава збор од уста до уста, поглед од око до око, гест од рака до рака и од тело до тело. Нему не му е потребен посредник за да искомуницра помеѓу човечките суштества - тој ја претставува најтранспарентната страна на светлината, не му припаѓа ниту на звукот, ниту на север, исток или запад - о не, тој е суштина на самата светлина, која свети од сите четири агли на светот, која е директно препознатлива од секој човек, без оглед дали е непријателски или пријателски настроен кон него.

Но ни треба театар кој секогаш останува различен, ни треба театар од многу различни видови.

Сепак, мислам дека помеѓу сите можни форми и облици на театар токму најархаичните ќе останат најбараните. Театарот на обредните форми не смее вештачки да се става наспроти оној на „цивилизираните" народи. Секуларната култура сè повеќе и повеќе ја губи силата, таканаречената „културна информација" постепено ги заменува едноставните суштини и нашата надеж за запознавање со нив.

Но сега можам тоа јасно да го видам: театарот ги отвара широко своите порти. Слободен пристап за сите и за секого.

Во бестрага со игриците и компјутерите - одете во театар, зафатете ги местата во партер и на балкон, заслушајте се во зборовите и загледајте се во живите „слики"! - пред вас се случува театар, не го занемарувајте и не ја проупуштајте шансата да учествувате во него - веројатно најскапоцената шанса која ја имаме во нашите суетни и забрзани животи.

Потребен ни е секаков вид театар.

Има само еден театар кој сигурно не му е потребен никому - мислам на театарот на политичките игри, театар на политички „глувчешки стапици", театар на политичари, залуден театар на политиката. Она што секако не ни треба е театарот на дневниот терор - без оглед дали е индивидуален или колективен, она што не ни треба е театар на трупови и крв на улиците и на плоштадите, во главните градови, лажен театар на судири помеѓу верски или етнички групи...

Анатолиј Василев

27 март 2016 - 10:53