Славниот писател и детето-ѕвезда

Чудната поврзаност на Ширли Темпл и Греам Грин

Неодамнешната смрт на Темпл уште еднаш ја актуелизира темата за децата-ѕвезди и целата машинерија која стои зад нив. Најспомнуван во тој контекст е текст на славниот Греам Грин од 1937.

Греам Грин, тогаш уредник на малку познатиот британски весник „Ноќ и ден", во 1937 напишал критика по повод премиерата на „Ви Вили Винки" во која глумела 9-годишната Ширли. Тој во неа со дрвја и камења фрла и по продукцијата, и по обожавателите на девојчето-ѕвезда, а особено по нејзините родители. Без влакна на јазикот, тој вели:

Сопствениците на детето-ѕвезда се како сопственици на имот чија вредност се намалува секоја година. Зад нивниот грб отчукува страшниот часовник, а пред нив се протегаат километри анонимност. Случајот со Ширли Темпл сепак е посебно интересен: таа само навидум е дете, но нејзината привлечност е потаинствена и повозрасна. Уште пред две години таа беше згодно мало „парче". Во „Капетан Јануари" носеше пантолани со зрела сугестивност на една Дитрих, нејзиното развиено газе се мрдаше додека степуваше, нејзините очи беа кокетни. Сега, во „Ви Вили Винки“, носејќи кратки сукњички, таа е веќе како згодна девојка...Возрасните емоции на љубов и тага минуваат преку маската на детството, детство кое е површно. Тоа е лукаво, но не може долго да трае. Нејзините обожаватели - средовечни мажи и свештеници - реагираат на нејзиното сомнително флертување, на погледот кон нејзиното добро обликувано и пожелно мало тело, полно со неверојатна виталност, само заради безбедната завеса скроена од приказна и дијалог која паѓа помеѓу нивната интелигенција и нивната желба.

Уф! Грин сосема отворено зборува за фетишизацијата на една млада ѕвезда, и си дозволува да биде преостар веројатно мислејќи дека ги објавува своите ставови во премногу опскурен медиум. Но текстот сепак бил забележан, и повеќе од тоа. Адвокатите на Темпл и на Twentieth Century Fox повеле судски спор и го добиле. Списанието пропаднало, а Грин не ја ни дочекал пресудата, туку со жена му заминале најпрвин во Лондон, за потоа преку Америка да стигнат во длабоките џунгли на Мексико.

Ова е патување кое тој го посакувал долго време, а било поттикнато од неговото доцно преобраќање во католицизам, кое го има направено заради сопругата. На мексиканските висорамнини Табаско и Чиапас долго владеела кампања против мисионерите, кои биле сурово убивани. Целиот случај со Темпл конечно создал услови за тој да се одлучи на патувањето, кое подразбирало големи физички и психички маки. Како резултат на ова искуство тој подоцна во Лондон го пишува романот „Моќта и славата", неговото најпознато дело покрај „Тивкиот Американец", „Наш човек во Хавана" и „Крај на една љубовна приказна" (за која пишувавме тука).

Главниот лик во книгата е безимен свештеник кој патува низ џунглите на северо-источно Мексико на маска, прогонуван од некој поручник-социјалист, кој смета дека целата идеја за Бог е бесмислена. Свештеникот пак смета дека нема ништо друго освен Бог, кој е „родител но и полицаец, криминалец, свештеник, манијак, судија, тој е и пијаница, татко на копиле, кукавица. Затоа знае за што зборува." Книгата завршува со насилна смрт на свештеникот, кој умира како маченик.

Католичката црква не била воодушевена од книгата, која според нив сепак содржела доволно елементи за да го искушува неморалното поведение на читателите. Но многу години подоцна, во текот на аудиенција со папата Павле Шести, светиот отец наводно се насмеал кога таа била спомената, и му рекол на Грин: „Некои делови од вашата книга, која ја прочитав, сигурно ќе навреди некои католици. Но ич не му се секирајте за тоа". Не знаеме како би реагирал да знаел за спомнувањето на свештениците во освртот за Темпл, кој на чуден начин ја предодредил иднината на писателот.

12 февруари 2014 - 11:12