13 минути

Човекот кој за малку ќе го убиеше Хитлер

Нов филм кој за некој ден премиерно ќе се прикаже во Германија зборува за Георг Елсер, 36-годишен дрводелец од гратче во јужниот дел од земјата, кој бил блиску до тоа да изврши атентат врз Хитлер на почетокот на Втората светска војна.

На 8 ноември 1939 Хитлер го одржувал својот годишен говор во Минхен, потсетувајќи на битките на нацистите од 1920-тите, исмевајќи ги нивните меѓународни непријатели и загревајќи ја атмосферата на почетокот на војната. Но ниту тој, ниту видните гости во првите редови не знаеле дека на само неколку чекори од сцената имало поставено бомба. Неа со недели ја монтирал извесен Joхан Георг Елсер, кој почнал да го планира атентатот една година претходно, откако сфатил дека под водство на Хитлер „војната е неизбежна".

Фирерот го започнал говорот во исто време како и секоја година, но во оваа прилика, брзајќи да се врати во Берлин кај неговите воени стратези, заминал порано. Тринаесет минути подоцна, бомбата експлодирала, предизвикувајќи осум жртви и голема материјална штета. Онаму кадешто стоел Хитлер пропаднал целиот плафон.

Токму овие 13 минути се тема на нов филм за Елсер на Оливер Хиршбигел, кој претходно го режираше „Последните денови на Хитлер" (Der Untergang) и „Дијана". Дали убиството на Хитлер сосема би ја спречило Втората светска војна? Најверојатно не. Но таа можеби би траела пократко, а бројот на жртви од холокаустот би бил помал.

Елсер бил уапсен од Гестапо кратко време по експлозијата, кога се обидувал да ја помине границата со Швајцарија со инкриминирачки материјали. Транскриптот на неговото долго испитување бил откриен во 1960-тите, и ги содржи неверојатните детали на неговиот план. Тој почнал да експериментира со експлозиви додека работел во фирма за изработка на оружје блиску неговиот роден град во Швабија. Потоа нашол работа во градската пивара во Минхен, во чија сала Хитлер традиционално го одржувал неговото годишно обраќање. Повеќе од 30 ноќи тој доаѓал доцна на вечера во неа, се криел откако таа ќе затворела, и потоа се фаќал за работа, правејќи дупка во столбот крај сцената за да направи место за бомбата.

Со оглед на ехото во салата и големата врева којашто ја правел, работел така за бушењето да се поклопува со автоматското пуштање на водата во тоалетите, на секои десет минути. Проблем била и прашината - морало да биде собрано и последното зрнце. Заради сето ова нацистите не можеле да поверуваат дека тука не се работи за поголема организирана група, на пример за Британската тајна служба.

Но биографите на Хитлер велат дека вистината е многу поедноставна и оттаму повосхитувачка - Елсер бил обичен Германец, човек од работничката класа, кој дејствувал без ничија помош или знаење. И покрај кратката поврзаност со некоја комунистичка група, тој генерално не бил политички ангажиран. Сепак, тоа не го спречувало да има „длабоко чувство за правичност", кое му велело дека под Третиот рајх работниците ќе си имаат голем проблем. Немал намера да убие невини луѓе, но сепак ја имал предвид повисоката цел - да спречи уште поголемо крвопролевање.

Елсер во следните децении останал мистериозна и контроверзна фигура. Наместо веднаш да биде убиен, тој бил интерниран во концентрационен логор и конечно стрелан во 1945. Ова дава повод за сомневање дека тој можеби работел за некои од нацистите, кои биле соучесници во заерата. Неговото семејство по војната било маргинализирано, затоа што сите кои направиле нешто против нацистите биле сметани за предавници, не само во нацистичка Германија туку и во повоена Германија, која ги трпела последиците од поразот.

Сличен обид за атентат била бомбата во военото седиште на Хитлер од 1944 поставена од Клаус фон Штауфенберг, дел од група „отпораши" во воената елита (oпишано во „Валкири“ со Том Круз). Но ваков пример, на некој којшто делува како „никој и ништо", а сепак сторил нешто за да ја смени историјата, е осамен. Минатата година германската канцеларка Меркел го опишала како „осамен херој кој се борел сам за да ја спречи војната".

Филмот посветен на Елсер премиерно ќе биде прикажан во Германија на 9. април.

Tрејлерот (на германски)

7 април 2015 - 08:29