Мистер Беквардс

Човекот кој сакал да го обиколи светот одејќи наназад

Нова книга ја раскажува приказната за Плени Винго, обичен Американец, кој како и голем број други негови сограѓани за време на Големата депресија морал да смисли креативен начин да заработи некој долар. Неговиот бил - да оди наназад.

Плени Винго во 1920-тите можел да се опише како успешен човек, Тоа било доба на економски подем, и тој бил дел од приказната - имал ресторан во најпрометниот дел на Абилен, Тексас, наречен „Полумесечина“, и стан во градот во кој живеел со сопругата и ќерката. Бизнисот одел добро, иако „газдата“ бил всушност оној кој ги вршел и најтешките работи - бришел подови, служел по маси, но и броел долари. Наскоро отворил уште еден објект. Работите стоеле добро, и за него, и за речиси сите наоколу.

Но при крајот на истата деценија, прохибицијата почнала да ги затвора локалите и нивните сопственици. Еден вторник попладне во 1928, Винго, тогаш на 33-годишна возраст, бил уапсен под обвинение дека поседува и продава алкохол. Неговиот станал еден од 55.729-те случаи поврзани со недозволена продажба кои биле поднесени до судовите во САД таа година. Казната била 750 долари и нарушен углед, и да било само до Плени, тој сигурно ќе ја надминел кризата. Но наскоро она што изгледало како нестабилна економија се срушило со сета сила. На крајот од 1920-тите Плени морал да ги затвори рестораните засекогаш.

Големата депресија била токму тоа, депресивно време, но и време во кое луѓето доаѓале до најкреативни идеи кои би можеле да им донесат некој долар. Имало тука и драматични потфати кои денес се прават од аздис и за малку јутјуб слава. Како на пример туркање кикирика до врвот Пајкс Пик, највисокиот дел од јужниот фронт на Роки маунтинс, што му успеало на извесен Вилијам Вилијамс. Тој трошејќи стотици кикирики, неколку пара чевли и ракавици, го завршил потфатот за 21 ден. За сето тоа време морал на себе да носи реклама за компанија за кикирики од Џорџија.

Американците, осиромашени и измачени, биле гладни и за забава. Плени после затворањето на својот ресторан работел во друг, десет часа дневно служејќи вафли за седумнаесет центи на час. Инспириран од бројните потфати на негови сограѓани кои делувале глупо но им донеле слава и пари, тој одлучил дека неговиот проект ќе биде - да го помине светот одејќи наназад.

Откако ја убедил жена си дека тоа и не е толку лоша идеја, почнал да вежба. Под надзор на лекар ги зајакнувал ножните мускули, а морал да смили и начин како да држи нешто како ретровизор за да не се удира во луѓе и предмети. Решението се нашло кога во списание наишол на реклама за нов тип наочари за сонце за моторџии и возачи на спортски автомобили, со мали огледала на секоја страна. Плени веднаш ги нарачал и прво вежбал дома, а потоа и надвор, со тоа што, за некој да не му ја украде идејата, ова го правел кога по улиците немало многу гужва, одејќи обично ако сфател дека привлекува внимание.

Следел период на барање спонзорство од компании што произведуваат чевли, и молби за помош до пријателите, кои еден по еден мистериозно исчезнувале. Но еден од нив се согласил да му се придружи - неговата задача била да биде претходница, да оди до следниот град на рутата на Плени и да ги информира тамошните власти, медиуми и бизниси дека кај нив доаѓа „светскиот шампион во одење наназад“.

По некое време почнале да се јавуваат заинтересирани за изнајмување на грбот на Плени како рекламен простор. Во 1931 тој го почнал своето патешествие, со бастумче во едната рака и знак на грбот кој рекламирал некаков панаѓур во Форт Ворт. Весниците се интересирале за неговиот проект, а еден од нив пишува дека на Винго му требале само четиринаесет дена за пешачење наназад од Сент Луис до Чикаго. Наскоро се префрлил во Европа - во Будимпешта го пречекале како „лудиот Тексашанец“. Од таму стигнал до Истанбул, и иако не продолжил кон Блискиот исток заради забрана од тамошните власти, кога се вратил во Калифорнија со брод повторно се ставил во рикверц, и така стигнал до Тексас.

За осумнаесетте месеци кои ги минал на пат, Винго изјавил дека собрал искуство за цел живот. Во 1976 направил мала реприза на потфатот, одејќи наназад од Сан Франциско до Санта Моника.

Eве снимка за тоа од 1978:

Базирано на книгата „Човекот кој одеше наназад: потрага по значење на еден Американец за време на Големата депресија“ од Бен Монтгомери која треба да излезе на 18 септември.

31 август 2018 - 16:08