Човекот кого не можеле да го обесат

Џон Бабакомб Ли бил осуден за убиство во 1884 на смртна казна со бесење. А потоа работите тргнале наопаку. По оние кои го осудиле.

Во 19 век смртната казна во Европа била вообичаена. И повеќето од осудениците не го преживеале нејзиното извршување. А особено не три пати по ред.

Таков бил необичниот случај со Џон Ли, наречен Бабакомб, кој бил осуден за суровото убиство на госпоѓицата Ема Ан Вајтхед Кејс, кое се случило на 15 ноември 1884, во малото село Бабакомб во Англија, по кое го добил и прекарот. Од моментот кога бил обвинет, до изрекувањето на казната, тој упорно тврдел дека е невин, иако постоеле наводни докази, меѓу кои расекотина на неговата рака, за која немал добро објаснување. Неколку месеци подоцна, во 1885, тој бил осуден на бесење во затворот Ексетер. И иако извршителите неколку пати ја тестирале „вратичката“ под бесилката, која како и толку пати претходно требало да се отвори и низ неа да падне осуденикот, тие три пати се обиделе да го обесат Џон, и три пати вратата се заглавувала.

После ваквата епизода која ги шокирала сите присутни, а веројатно најмногу самиот Џон Ли, неговата казна е заменета со доживотен затвор. Од тоа отслужил 22 години, и бил ослободен во 1907. За неговиот понатамошен живот постојат повеќе приказни, некои велат дека живеел во Лондон и дека таму го преживеал дури и бомбардирањето од 1940. Но во 2009 неколкумина ентузијасти изјавиле дека го пронашле неговиот гроб во Милвоки, Висконсин. Откако ги напуштил жената и двете ќерки во Британија, тој наводно основал второ семејство во Америка.

Неговиот случај останува еден од најбизарните во судската историја на Британија. Но потресен од него останал и главниот „бесач“ - извршителот на казната Џејмс Бери. Откако се пензионирал, Бери, кој во текот на својата „кариера“ имал извршено 134 успешни егзекуции, не можел да се помири со едното кое останало неизвршено. Напишал книга, прва автобиографска од ваков вид, „Моите искуства како егзекутор“, која станала бестселер. Неговата популарност се проширила особено откако тој почнал да настапува со мрачни приказни од неговата поранешна професија, прикажувајќи и на публиката и дел од опремата и „сувенирите“ кои му останале од егзекуциите.

Дали Џон Ли навистина го извршил убиството за кое требало да биде обесен? Дали тоа што не можеле да го убијат всушност било задоволување на некаква божја и судска правда, затоа што човекот бил невин? Можеби наместо „човекот кого не можеа да го обесат“ тој би требало да биде познат како „човекот кого не требало да го обесат“.

8 ноември 2017 - 08:59