Букбокс читанка

„Оружјата на критичкиот родител“ од Станислав Петковски - Сашо

„Голем залак касни, тежок збор не кажи“, гласи народната мудрост. Отприлика истата која ја пренесува и оваа книга, прогласувајќи ги зборовите истовремено и за корисни алатки, но и за убиствени оружја.

На оние растени во 80-тите, кои во своите младешки години бараа одговори на прашања кои времето допрва требаше да ги постави, и решенија на проблеми чија големина само ја насетуваа, на располагање им стоеше богата литература од областа на популарната психологија. Бидејќи таа кај нас главно се издаваше на српско-хрватски, насловите на овие книги останаа врежани во сеќавањето токму на тој јазик - „Психологија личности“ од Никола Рот, „Колико је стварно-стварно“ од Пол Вацлавик, „Голи мајмун“ од Дезмонд Морис, „Јас сам Ок, ти си Ок“ од Ерик Берн...

Иако тогаш главно служеа за сигнализирање информираност во „начитаните“ друштва, тие истовремено помагаа во рационализација на животните искуства, и укажуваа на тоа дека човековата душа е „чудна направѝја“ за чие одржување, поправање и усреќување не постои само еден, ултимативен пристап.

Поминаа многу години, и голем дел од оваа литература денес е затрупана од нови наслови кои промовираат успех, исцелување, инспирација, афирмација, лајф коучинг, креативна визуелизација, мотивација, медитација. Психолози кај нас полесно се наоѓаат од плочкари и молери, а сепак кај оние пореномираните за термин се чека и по неколку месеци. На оние од првиот пасус, задоени со психолошка литература од мали нозе, со стекнато животно искуство, работите до сега требаше да им бидат (по)јасни, и таква стручна помош да не им е потребна. Но голем дел од нив во меѓувреме станаа родители. И сфатија дека ништо не им е јасно.

Овој широк лак во претставувањето на книгата „Оружјата на критичкиот родител“ од клиничкиот психолог Станислав Петковски - Сашо е таков, долг и широк, за да се доловат мотивите за нејзиното читање. Од сите книги во чиј наслов се содржи зборот „родител“ можеби изборот не би паднал токму на оваа, да не беа две околности. Првата е што книгата ја добив на подарок, со препорака. Второто е што при првото, случајно отварање, од неа „рипна“ една реченица. „Тука ќе ја земам предвид најприменувата теорија на концептуалната метафора на Лакоф и Џонсон“ - гласеше таа, како гејм, или во случајов мајнд чејнџер. Книгата значи сепак ќе се чита.

Првата заблуда за неупатените во терминологијата на трансакционата анализа (чиј претставник, а според упатените и пионер кај нас е токму авторот), бргу се разрешува. Имено, под „критички родител“ не се подразбира конструктивен и поттикнувачки, туку напротив негативен родител (спротивно на негувачки), кој со алатките кои му стојат на располагање (зборовите) може да го повреди, демотивира па дури и трајно да го оштети своето дете. Така нешто што „коски нема“ (јазикот), станува нешто што „коски крши“ - психолошки смртоносно оружје во устата на некој кој можеби и не е свесен за ваквото пресудно влијание, и за фактот дека начинот на кој го користи јазикот повеќе зборува за неговиот/нејзиниот потиснат гнев и генерален светоглед, отколку за желбата некого да воспита.

Конкретните зборови кои ги користи ваквиот родител Сашо ги нарекува „дискаутнирачки“, или омаловажувачки, обезвреднувачки, погрдни. Нивниот репертоар зависи од географијата (некаде можеби нема кози, но затоа има бафала или меркати), од културата (што се смета во неа за табу, за „грешно“ или „нечисто“), и од историскиот момент, бидејќи некои навреди имаат „животен век“ (поради политички, економски и други околности). Откако тој ќе им истече, тие одат на гробиштата на погрдните зборови, за во некој момент можеби повторно да бидат актуелизирани, како лингвистички зомбиња.

„Вол“, „стока“, „свиња“, „кокошка“, „коза“, „ѓубре“, „змија“, се само некои од овие зборови обработени во книгата, со детален опис на претпоставениот психолошки профил на некој наречен со ова име - однесување и локомоторност (говор на телото), особености од најраниот психомоторен развој, надворешен изглед, љубов, сексуалност, па дури и - однесување во сообраќајот! Читањето на овој (втор) дел од книгата е истовремено и најзабавниот, бидејќи во ваквиот „хороскоп“ човек може да препознае конкретни луѓе и ситуации, опишани низ хумор и благ сарказам (дури би рекле и сексизам, да не беше подеднакво „суров“ и со мажите), а богами да замисли и суштества кои се комбинации на повеќето спомнати. ВОЛОТ на пример е опишан како некој што „откачува на заводлива КРАВА, но и други видови со доволна големина го привлекуваат неговото внимание, особено доколку долго бил во штала“. КОКОШКИТЕ пак се стереотипно „слаби, немаат облини и најчесто се кратко потстрижани, речиси искубани“. Па, како да не се насмееш?

И сега доаѓаме до метафорите, низ целата книга обележани со КАПС ЛОК. Ваквиот тип на говор, во случајов омаловажувачки, е вид метафоризација, давање друго име на некој поим, предмет или човек. Тој е концептуална метафора, и тие - како што би рекле спомнатите когнитивни лингвисти Лакоф и Џонсон - според начинот на создавањето и функцијата која ја вршат се универзална категорија. Дали нивното присуство е одраз на намера, или само на механичко користење на јазикот, зависи од фрекфенцијата со која се употребуваат и од однесувањето кое ги придружува (за овие автори види претходно во „Дизајнот како отелотворена метафора“, во „Утописки за почетници“, како и во ТЕДх видеото „Од јазикот кон светогледот и назад“).

Во овој момент, некаде при средината на книгата, таа престанува да биде само корисен прирачник за родителствување, туку станува нешто многу повеќе од тоа - манифест, апел, предупредување за моќта на метафоричкото мислење во обликувањето на стварноста. Тоа дека е наменета пред сè за спомнатата целна група е разбирливо, со оглед на тоа што детето е најранливиот примач на ваквите метафорични пораки, кои во неговата свест можат да се прекршат како еднаш и засекогаш запечатени „сценарија“ за неговата личност и судбина. Покрај во книгата спомнатите, секако има и голем број други кои можат да се додадат. Посесивниот и агресивен татко засекогаш може да ја „оштети“ својата ќерка нарекувајќи ја КУРВА и ОРОСПИЈА. Момче со сензитивна структура и феминизирани манири истото може да го доживее преку девалвирачкиот збор ПЕДЕР, БУЉАШ, ЖЕНЧЕ. Но секако зборовите имаат моќ да повредат и оштетат и возрасни, не само поединци туку и цели колективи. Дури и зборови кои во принцип не се метафори можат да добијат накнадно метафоричко значење, во пежоративна смисла - МАКЕДОНШТИНА, БАЛКАНЦИ, СКОПЈАНЧИШТА. Покрај толку изнаслушани и изначитани дискаунтирачки зборови и изрази околу нас, не е ни чудо што функционираме на „бандашот“ на самодовербата, не успевајќи да уловиме мечка дури ни кога таа стои спокојно пред нас, брстејќи бамбус, со поглед на мачето од Шрек.

Сепак, утешно е дека и на еден психолог може да му се слизне (намерно или ненамерно) по некој дискаунтирачки збор кон неговите колеги, упатен од „родителска“ позиција. Кога авторот зборува за тоа дека начинот на кој се употребува погрдниот збор може да каже многу за оној кој тоа го прави, тој додава: „Ова се чини може да ги воодушеви малите фројдисти и чепкала по душата на човекот. За нивна жалост...работата не е така едноставна“. Дали тука „фројдисти“ и „чепкала“ треба да бидат исто така со големи букви?

Ако некој ја земе книгава во рака тоа значи дека покажува основна одговорност кон изговореното, и оттаму кон договорот наречен „цивилизација“. Сите останати, во лутина или во самоодбрана, ќе ги наречеме - СТОКА.

Илина, Букбокс

23 октомври 2019 - 12:34