Букбокс читанка

„ЛАДНОКРВНО УБИСТВО“ од Труман Капоти (БОНУС: ИНТЕРВЈУ СО ПРЕВЕДУВАЧКАТА НА КНИГАТА)

Сè што треба да знаете пред да ја прочитате оваа книга е содржано во нејзиниот поднаслов: „ВИСТИНСКА ПРИКАЗНА ЗА ПОВЕЌЕКРАТНОТО УБИСТВО И НЕГОВИТЕ ПОСЛЕДИЦИ".

Иако е напишан токму вака, со големи букви, на петата страница од македонскиот превод, верувам дека многумина не го забележуваат, и почнуваат да ја читаат книгата доволно ладнокрвни кон нејзината содржина. За во еден момент да стане јасно дека дури и најперверзниот писателски ум не би можел да измисли нешто толку морничаво колку приказната за Дик Хикок и Пери Смит, и суровото убиство кое тие го извршиле.

Најпрвин фактите: во 1959 успешниот фармер од Холкомб, Канзас, Херберт Клатер, неговата жена Бони и две од нивните деца на возраст од 16 и 15 години се брутално убиени во нивниот дом, навидум без јасен мотив. Капоти чита за настанот краток текст во Њујорк Тајмс и заедно со неговата пријателка од детството, исто така славната писателка Харпер Ли, заминува за Канзас за да собере материјал за случајот. Прави десетици интервјуа и пишува илјадници страници белешки. Откако убијците се фатени, во текот на нивното судење и непосредно пред нивната егзекуција Капоти долго разговара со нив и длабоко се вовлекува во нивните лични приказни. Како резултат на сето ова во 1966 излегува книгата „Ладнокрвно убиство", која во тоа време станала крими бестселер, а денес се смета за една од најдобро напишаните книги од жанрот на не-фикцискиот, документаристички роман на сите времиња.

Ако уметноста навистина го имитира животот, тогаш во случајот со романот на Капоти тој имал навистина тешка задача - да раскаже приказна која е вистинита, но на начин кој сепак ќе остави доволно простор за соживот на повеќе вистини врзани со неа. Истовремено да биде и новинар, обичен (црн) хроничар, но и автор на „убава литература". Да се вовлече во кожата на детективите, и во онаа на жителите на Холкомб каде се случило злосторството, да биде и судија и поротник, за на крај да го погледне овој тажен и суров свет и низ очите на самите убијци. Неговиот напор станува и напор на внимателниот читател, кој од првично црно-белата ситуација на дефинирани улоги на жртви и мачители полека преминува на многу посуптилното поле на сложените меѓучовечки односи, во еден општествен контекст кој ладнокрвно ги прегазува оние маргинализираните, бедните, хендикепираните, ментално болните, семејно малтретираните, за од нив да создаде ладнокрвни убијци.

Тоа што вистинските убијци шест недели по настанот се фатени и изведени пред суд, за по шест години да бидат егзекутирани, е само едно ниво на приказната, која навидум има правичен крај. Но дали смртната казна воопшто може да е правична? Дали е таа решение за сето она што тргнало наопаку до моментот на извршувањето на страшното дело? Капоти можеби на почетокот и самиот не бил сигурен, но на крајот, кога и вам ви доаѓа кнедла во грлото додека нејакото тело на Пери Смит слично на детско виси на бесилката, станува јасно - неговата физичка смрт е безболен крај во споредба со неговата болна, социјална стигматизираност, која ја носел целиот живот.

Капоти во ниту еден момент не сугерира дека убијците треба да бидат амнестирани, или дека нивната моќ на расудување била нарушена во моментот на извршувањето на злосторството. Токму во тоа е и трагичноста на неговиот однос и со Хикок, а особено со неговиот „миленик" Пери Смит, со чија биографија во голема мерка се идентификува. Тој знае дека тие се виновни, но истовремено се обидува да ги сфати околностите кои довеле до тоа тие да станат такви какви што се. Ова второто е причината зошто според некои критичари Капоти често отстапува од фактите, и не' наведува на сожалување на сторителите. Други пак му замераат дека врз судбината на овие луѓе, под превезот на наводно хуманиот порив да се раскаже и нивната приказна, Капоти дебело профитирал, и тоа ни помалку ни повеќе туку 6 милиони долари од продажбата на книгата и правата за снимање филм. Без оглед на сето спомнато, „Ладнокрвно убиство" е книга која ќе направи повнимателно да ги слушате ноќните крцкања во станот, и барем уште некоја недела да мислите на судбините на главните јунаци.

Кој знае како и била на преведувачката - помислив додека ја читав, обземена од вознемирувачките детали. Румена Бужаровска ни одговори на неколку прашања во врска со нејзиниот однос кон книгата, дополнувајќи ја приказната за неа со интересни детали.

Букбокс: Што се подразбира под „документаристички", нефикциски роман како жанр?

Р.Б.: Се работи за роман не-роман, фикција што не е фикција, приказна основана врз нешто вистинито, но не во смисла на она кога гледаме филм based on a true story, туку документирани историски факти склопени во форма на роман, што нормално на авторот му дава одредена слобода, при што ние како читатели не можеме да знаеме што е тука измислено а што не е. Самото тоа што е наречен роман ја става под знак прашање веродостојноста на она што го пишува.

Букбокс: Ваквото спротивставување на уметничкото и документарното на наше тло филмски го направи Милчо во „Мајки", релативизирајќи ја Вистината со големо В. Дали мислиш дека Капоти ја имал токму истата намера?

Р.Б.: Дефинитивно. Очигледно е дека сакал да си игра со тие моменти. Откако го напишал романот внел околу 5,000 исправки, и тоа не биле само јазични корекции, иако бил перфекционист во таа смисла, туку биле промени и во однос на портретирањето на ликовите. Кога го гледав Мајки и мене многу паралели ми се отворија, затоа што и во филмот со самото тоа што документаристичкиот дел е ставен во фиктивна рамка тоа ја става под знак прашање и неговата веродостојност. Но ние сакаме да веруваме во тоа што го читаме, исто како што во Мајки сакаме да веруваме во она што го гледаме, доколку тоа ни е презентирано како документарно, вистинито.

Букбокс: Беше ли тешко да се преведува ваква книга, која многумина ја доживуваат како вознемирувачка?

Р.Б.: Кога на еден пријател од Канзас му кажав која книга ќе ја преведувам, изреагира многу вознемирено. Ми објасни дека иако е роден по годината кога се случиле убиствата, приказната за трагичниот крај на семејството Клатер и нивните убијци сè уште ги опседнуваат канзашките заедници, и дека малтене пораснал со ужасот на таа приказна. Ми раскажа како откако се случиле убиствата, луѓето почнале да се гледаат со недоверба и да си ги заклучуваат вратите од домовите. Сето тоа не го сфатив толку сериозно се' дури не се погоди сама во куќа во Маврово да го преведувам романот. Звукот на типкањето на тастатурата ми беше страшен, а не сите звуци што ги правеа животинките и ветрот надвор. Обично кога сум таму се плашам од мечки и волци, ама овојпат дефинитивно сфатив дека поголем предатор од човекот нема.

Направив слична грешка кога летово седнав сама во Маврово да го преведувам романот Срамота од Куци, каде што девојка што живее сама на фарма е силувана од тројца натрапници. Си реков дека веќе нема да преведувам вакви страшни книги кога сум сама, но искрено, има нешто возбудливо и во тоа чувство, како гледање хорор филм.

Сепак, најстрашно и најзаморно беше емоционалното бреме при преведувањето на Ладнокрвно убиство. Како и Капоти, и јас се соживеав со убијците, посебно со Пери Смит. Како преведувач, се соживуваш уште посилно со сите опишани сцени, па така се чувствував како и јас да го сведочам трауматичниот живот на Пери Смит, што претставуваше голем емоционален товар. Истото се однесуваше и на ужасните описи од убиствата и погребот на семејството Клатер – се чувствуваш како да си таму, како сам да ги документираш тие грозоморни слики.

Букбокс: Ретко се разговара за емоционалниот товар што го чувствува преведувачот, влијанието кое во оваа смисла го има врз него книгата која ја работи. Секако, тоа зависи од неговиот/нејзиниот карактер, но и од природата на самото дело. Можеби некоја техника на психолошки дебрифинг која важи за повратници од војна или професии кои се изложени на трауми треба да се применува и од страна на преведувачите кога ќе завршат со превод на некоја ваква, тешка книга?

Р.Б.: Во мојот случај, сепак се работи за превод на романи, иако Ладнокрвно убиство е сепак документаристички роман. Но што да речат преведувачите, да речеме, во Хашкиот трибунал? Нема да заборавам на искуствата што при едно предавање ни ги пренесе една преведувачка во Хаг во однос на емотивните трауми што ги преживуваат преведувачите вршејќи си ја професијата. Раскажуваше навистина страшни приказни – и ни ги кажа "тактиките" со кои тие успеваат да се заштитат од трауматичните сознанија и начинот на кој се справуваат со нив. Интересна тема – а за жал малку дискутирана.

1 ноември 2013 - 00:00